Нелегалното производство на алкохол во САД има подолга историја од прохибицијата и оди наназад до Американската револуција, во периодот oколу 1790-тите. Тукушто „испилената“ нација се обидувала да се рехабилитира од војната и да собере средства за изградба на новата земја. Токму затоа владата спровела чекор кој бил најлогичен, наметнала данок на нешто што голем број луѓе го сакале и го користеле - алкохолот. Така ем го санирала националниот долг, ем новата федерална власт си ја демонстрирала својата моќ.
Секако, веднаш се појавиле такви кои си произведувале алкохол во домашни услови. Но имало и такви кои го правеле за трговија. „Муншајнинг“-от, како што се нарекувало нелегалното производство, продолжило да се развива, особено на југот, чии држави до времето на прохибицијата станале доминантни производители на ваков вид алкохол.
Голем број „операции“ се одвивале на оддалечени места како ниви или шуми, идеални места за криење. За да си обезбедат дополнително време кога бегале пеш низ ваквите терени, некои муншајнери измислиле необичен начин на камуфлирање на своите траги - кравји потпетици.
Во изданието на Ивнинг индипендент од 27 мај 1922 овој креативен метод е објаснет на следниов начин:
„Кравјата потпетица се состои од дрвено парче кое е исечено така за да личи на кравја чапунка, а е прицврстено на обувката со метална лента. Во меката земја таа остава траги како од таму да поминала крава“.
Идејата била дека ако полицијата пронашла човечки отпечатоци во области каде ретко заоѓале луѓе, тоа за неа бил јасен знак дека тука се случува нешто необично. Но никој не обраќал внимание на траги од коњи или крави. Секако, објавувањето на ваквата вест во дневен весник го привлекло вниманието на даночниците и полицијата и финтата била пробиена.
За среќа, прохибицијата не траела предолго - по некое време станало јасно дека штетата што таа ја предизвикува е многу поголема од креирање на бизарни обувки. Помеѓу другото, таа отворила пат за развој на организираниот криминал, губењето легитимни работни места во индустријата за производство на алкохол и сл. По 1933 кравјите обувки заминале во историјата, заедно со другите ингениозни пронајдоци за криење на „муншајнерите“.