Новооткриената композиција од Ентони Бурџис е пронајдена во архивата на Меѓународната фондација на овој автор, која претставува образовна хуманитарна организација базирана во неговиот роден Манчестер. Таа била замешана помеѓу купот други се уште некаталогизирани документи, донирани од неговата вдовица, Лијана Бурџис.
Професорот Ендрју Бисвел, биографот на Бурџис и директор на Фондацијата, изјавил дека никој немал слушнато за вакво дело претходно. Но сега одлични музичари од Оркестарот Хале ќе го изведат триесет години по неговата смрт и на тој начин ќе му се одаде признание и како композитор. Светската премиера ќе се случи на 1 декември.
Бурџис има напишано 33 романи и 25 книги есеи и друга проза, од кои најславен, а истовремено и најконтроверзен поради дистопиското портретирање на дрогите и младинското насилство е „Пеколниот портокал“, екранизиран од Кјубрик во 1971.
Но музиката била негова голема пасија, инспирирана од неговата мајка, која била пејачка и танчарка и татко му, пијанист во музичките сали и немите кина. Во 1991 тој напишал: „Би сакал луѓето да мислат на мене како музичар кој пишува романи, наместо како за писател кој на страна пишува и музика“. Претходно се знаеше за други дела, но самиот Бурџис немал многу можности да ги слушне во живо. Сега има шанса желбата да му се оствари, поради зголемениот интерес за неговата двојна кариера на писател и музичар.