За Петит пишувавме на 40-годишнината од неговиот подвиг, опишан во документарецот „Човек на жица" од 2008, кој беше номиниран и за Оскар. Во него ги следевме неговите шестгодишни подготовки за проектот, тајните влегувања во зградите за да се одредат најдобрите точки за прицврстување на жицата, да се испитаат ефектите на ветерот и да се смисли како да се протне сета таа опрема без да се биде забележан, како и сеќавањата на неговото детство и младоста, кога бил бркан од пет различни училишта за на крај да се посвети на циркуските вештини и на акробатиката.
Сега Роберт Земекис (Враќање во иднината, Форест Гамп) направи нов, игран филм за истиот човек и истиот настан, чиј главен акцент е на симболиката на кулите, со јасна порака - дека зградите не се дефинирани од нивната архитектура, туку од нашето доживување на нивното значење. Некогаш нарекувани „црна дамка" на пејсажот на градот, или „два големи шифоњери", тие дури и отсутни (или токму заради причината на нивното отсуство) се силно вградени во американската свест. Главната улога е на Џозеф Гордон-Левит, кој додуша и не морал баш толку да се труди околу францускиот акцент.
Првата половина на „Патот до славата" е посветен на почетоците на Петит, формирањето на неговата филозофија и вештина, до конечното доаѓање во Њујорк, кога филмот почнува да добива темпо на вистински трилер. Разликата помеѓу претходниот, возбудлив документарец и филмот е во тоа што овој комбинира дигитална 3Д технологија и старовремска нарација во сцени кои се опишани како истовремено напнати и трогателни. Иако има и критики кои се фокусираат на физичките ефекти на гледањето на работите од птичја перспектива - регистрирани се случаи кога на луѓе буквално им се слошило додека го гледале (слично како на времето на „Вертиго“ на Хичкок). Нам ни се заврте веќе од трејлерот.
Трејлерот од документарецот од 2008: