Гордон Мартин, дописник од Обединетите нации за Ватиканското радио, пишува извештај за најновите настани околу сиријската криза и мировните преговори кои се водат во Женева. Брзо го куца на 40 години стариот Ремингтон, како што ги има пишувано и сите останати текстови во последниве 15 години. На негови 86, во ерата на дигиталната дипломатија и социјалните медиуми, тој е тврдокорен „аналогец".
„Немам мобилен телефон и не се разбирам во повеќето модерни технологии, а мислам дека често тие стојат на патот на чистата употреба на англискиот јазик", вели тој, сметајќи дека замената на неговата машина со лаптоп или ајпад е рамно на ерес.
Сепак, можеби во неговиот став има нешто визионерско. Сомнежите кон технологијата се повторно во мода во дипломатските кругови, по откритијата на Сноуден за шпиунирањето од страна на Националната агенција за безедност. Руските медиуми минатата година известија дека агенција одговорна за заштита на високи функционери во Кремљин купила стари машини за пишување за да спречи нејзините комуникации да бидат хакирани од западните сили.
Мартин почнал со новинарство случајно, откако студирал класични и модерни јазици на Оксфорд, по што некое време работел како наставник. Иако неговото семејство се занимавало со бизнис со вино, тој одлучил да стажира во Ројтерс. Зборувал италијански, па затоа бил поставен како дописник од Рим, во таканаречената ера на „сладок живот" (1955-1965). После 10 години со Ројтерс тој заминал во Јужна Америка како дописник на Би-би-си. Изветувал од секоја земја во регионот - од Боливија по погубувањето на Че Гевара, до Куба на Фидел Кастро. По смртта на Насер во Египет тој во 1970 се преселил во Каиро. Сè што ќе напишел морало прво да се провери од властите, а потоа да биде пренесено на британското радио.
После ваква долга и одлична кариера како странски дописник, сега се приближува денот кога тој треба конечно да се пензионира. И тоа најверојатно ќе биде оваа година, бидејќи веќе здравствено не се чувствува добро. До тогаш сигурно нема да се преобрати во корисник на компјутер. Таквиот став тој им го препорачува и на помладите новинари, бидејќи директниот контакт со изворите, а не слепото реагирање на нешто прочитано на интернет, е она што го прави некого добар новинар.
Извор: Би-би-си