Вчера (8.8) Филмската академија соопшти дека Оскарите воведуваат нова категорија, со која ќе се наградува исклучително постигнување во популарен филм. Тоа значи дека најпрестижната филмска награда ќе можат да ја добијат и блокбастери, кои до сега благо речено беа игнорирани.
Ваквата промена е една од многуте кои во последно време се случија во 90 години старата организација, а чија цел е „подмладување“ на членството, но и на публиката, која секоја година се намалува. Оваа година преносот на доделувањето на Оскарите имаше најниска гледаност во историјата на ова шоу.
Коментарите на ваквата одлука од страна на филмаџиите се главно негативни, од тоа дека се работи за „лоша идеја“, до порадикалното „филмскиот бизнис умре денес“, како што твитна актерот Роб Лоу. Многумина ја толкуваат оваа категорија како „утешна“ за оние филмови кои Академијата нема да ги номинира за во категоријата најдобар филм, па тие ќе треба да се задоволат со „најпопуларен“, епитет кој за навистина добрите филмови, кои ете се погодило истовремено и да заработуваат и да се популарни, е навредлив.
Иако критериумите за номинирање во категоријата „популарен филм“ се уште се во изработка, прилично е извесно дека таа не само следната, туку и годините потоа, би се состоела од научно-фантастични блокбастери. Но некои од нив, како на пример „Црниот пантер“, според многумина имаат направено многу повеќе од куп пари, и иако тој спаѓа во оние суперхеројските, со добра акција, заслужува да биде во категоријата „Најдобар филм“.
Академијата не се консултирала со своето широко членство, туку одлуката ја донела низ дискусии по сопствените органи и тела. Aдам МекКеј (добитник на Оскар за The Big Short и режисер на куп „популарни“ филмови со Вил Ферел) предложи и дополнителни категории кои можат да го „свежнат“ имиџот на Оскарите, како „најсекси вонземјанка“ или „најдобро фрлање со нож“.
Other new categories:
— Adam McKay (@GhostPanther) August 8, 2018
-Best movie where shit blowed up good.
-Hottest female alien
- Best back flip to avoid a thrown knife
-Best knife throw
-Best “you thought he was dead but now he’s back and REALLY kicking ass” https://t.co/LI61qULdC9
Доколку ваквите остри реакции продолжат, сосема е можно Академијата да ја повлече одлуката. Но тоа не значи дека таа нема да треба да смисли нешто друго за да остане релевантна во денешниот филмски пејзаж.