Ефектот на „аха!“

Нова книга од цртачот на Њујоркер

Една од работите заради која Њујоркер е препознатлив и читан се неговите стрипчиња. Боб Манкоф, вчера (25.3) издаде книга за неговото искуство како цртач и уредник на оваа рубрика.

Макоф црта за списанието од далечната 1977, а сега како уредник прегледува повеќе од 500 стрипчиња кои неделно пристигнуваат во редакцијата. Неговиот најпознат стрип излезен во Њујоркер претставува директор кој гледа во неговиот роковник, и вели некому на телефон: „Не, четврток сум зафатен. А што велиш за никогаш - ти одговара никогаш?"

Идејата му дошла додека зборувал со „пријател" кој не можел никако да најде време за него, ситуација со која очигледно многумина се идентификувале. Од 1993 кога излегло, ова стрипче е толку пати препечатувано, што Манкоф верува дека ќе го има и во неговиот некролог.

За некролог е рано, но текстот на стрипчето сега стана наслов на неговата нова автобиографска книга, која се однесува на неговата кариера на цртач, но и на природата на стриповскиот хумор. Во интервју за NPR Манкоф вели дека голема улога во смешноста на некој виц или стрип е нелагодноста кои тие ја предизвикуваат. „Сè што е нелагодно е потенцијално смешно. Мислам дека еврејската култура ме научи дека сите тие теми полни со вина и возмениреност се добар материјал", вели тој.

После толку време занимавање со тоа како некого да насмее, тој почнал повеќе да се интересира за психологијата, но и за неврологијата на хуморот. Учествувал во интересна студија каде се вршело регистрирање на движењето на очите додека некој гледа различни типови карикатури и стрипови. Во еден момент кога читателот ја сфаќа поентата, зениците се шират во мала експлозија. Тоа покажува дека хуморот е когнитивен, креативен процес, во кој подеднакво учествува и цртачот и читателот, исто како „а-ха" момент во науката. Како кога ќе ги видите на пример овие:

 

 

26 март 2014 - 09:33