Нова книга на Изабела Роселини, за нејзините кокошки

Во „Моите кокошки и јас“ славната актерка ја комбинира својата љубов кон пердувестите животни и искуството во филмскиот и уметничкиот свет, во кој овој пат ѕвезди се кокошките.

Чувањето кокошки за Изабела Роселини почнало како хоби, но се претворило во комбинација на бизнис и уметност. Во нејзината нова книга „Моите кокошки и јас“, читателите се внесени во светот на видови птици кои биле традиционално одгледувани од страна на селаните во минатото, пред драстичното намалување на вариететот кокошки со подемот на индустриското земјоделие. Иако, нивните имиња не се воопшто традиционални. Таа има петли и кокошки што се викаат Енди Ворхол или Амелиа Ерхарт, и тие фотографирани од Патрис Казанова, навистина изгледаат некако позначајно од „обични“ кокошки.

Фотографот го документира растот на првото јато на Роселини од околу 40 кокошки, од моментот кога тие пристигнале како онлајн нарачани птици во кутија, до моментот кога самите почнале да несат јајаца. Денес таа има 120 кокошки на фармата на Лонг Ајленд, не многу далеку од Менхетен.

Книгата е тенка но ги вклучува и опсервациите, мислите, смешните ситуации и рачно цртаните илустрации на Роселини во врска со животот на фармата. Тоа овозможува детален увид во нејзиното искуство со одглгедувањето кокошки, но и пошироко, нејзиното познавање на животните, природата, па и еволуцијата.

Во интервју за Венити Фер таа објаснува дека кокошките некако ѝ дошле во комплет со желбата за органско производство на храна, што неа, како Италијанка која како дете го минувала секој одмор на село, некако ѝ дошло природно. Особено кога како што самата вели подостарела, престанала да работи како модел, а како актерка не добивала многу понуди кои ѝ се допаѓале. Тогаш, во 2015, се вратила на факултет, на магистерската програма на Хантерс Колеџ, за да го проучува однесувањето на животните. Ова и овозможило да биде активна иако во основа била пензионирана.

Додуша во меѓувреме работите се променија - таа стана портпарол на Ланком и има улога во серијата „Шат ај“, како и во театар во Барселона. Но има вработени кои се грижат за кокошките, и тоа веќе и не е така наивно хоби, туку прераснало во мал бизнис.

Што се однесува до книгата, фокусот на авторката бил на процесот на припитомување и адаптирање на животните на човечките потреби. Сепак, на почетокот тоа повеќе биле белешки и цртежи кои ги испраќала до приајтелите, додека еден од нив не ја убедил да направи книга од сето тоа.

Кокошките изгледа се новите кучиња и мачки, барем во светот на фотографијата. Неодамна двајца фотографи кои 20 години сликале петли и кокошки започнаа кампања на Кикстартер за да направат голема монографија со дебели корици под наслов CHICKen, а парите ги собраа за три дена. А и како не би, кога птициве се толку слатки..

 

24 март 2018 - 11:23