„Последниот човек кој знаеше сè: животот и времињата на Енрико Ферми, татко на нуклеарното доба“ од Дејвид Н. Шварц, е нова биографска книга на над 400 страници посветена на овој пионер во областа на атомските истражувања.
Тој ја почнал кариерата во Рим под Мусолини, кога го добил прекарот „Папата“. Но кога избегал во Америка, пред сè за да ја заштити жена си - Еврејка од италијанските расни закони, и го создал првиот нуклеарен реактор, добил ново име: „Последниот човек кој знаеше сè“.
Сепак, ова не значи дека тој бил некаков ренесансен човек. Знаел сè за физиката од неговото време, но не му било гајле за останатото. Бил надарен учител и харизматичен лидер. Знаел да им дозволи на помладите колеги да објават заедничка научна статија без да се спомне неговото име, само за да не ги фрли во сенка. Инсистирал лично да ги пренесува радиоактивните примероци за неговиот тим, што најверојатно довело до ракот на стомак кој го убил во 1954, на само 53 години. Нема многу физичари кои останале запаметени и почестени од нивни колеги со двоен албум со снимени спомени, под наслов „На Ферми со љубов“.
Па сепак, под сиот тој шарм лежел комплициран карактер. Како дете Ферми свој идол гледал во неговиот постар и понадарен брат, кој починал во тинејџерски години, што пак довело до доживотна депресија на мајката. Како студент знаел да учествува во речиси детски, но дрски местенки. Имал „банда“ која се состоела од колеги-истражувачи, кои навистина го третирале како нивен „Папа“. Најголемиот негов подоцнежен проект, Менхетен, чиј резултат биле нападите на Хирошима и Нагасаки, истовремено го исполнувале и со гордост и со сомнежи за исправноста на она што го работи. Сестра му била толку лута по бомбардирањата, што му напишала: „Ќе те препорачам кај Господ, да те земе што побргу“.
Тој пак, практичен каков што бил, кога експлодирала бомбата Тринити - кодно име за првата детонација на нуклеарно оружје во САД во пустина во Ново Мексико од јули 1945 - стоејќи на 16 километри од местото, во раката држел скинати парчиња хартија кои, ги фрлил во ветер кога бомбата експлодирала. Врз основа на изминатиот пат на хартивчињата тој прецизно ја пресметал моќта на атомската бомба. Ваквата техника на проценување во ситуација кога воопшто не постојат или постојат сосема малку податоци денес е позната како „Проблемот на Ферми“.
Во Америка Феми бил сметан за „ултраконзервативец“, а властите многу добро ја знаеле неговата претходна поврзаност со режимот на Мусолини и причините за заминувањето од Италија. Тие како што беше спомнато имале врска со еврејското потекло на сопругата, но и со уште еден важен момент - Нобеловата награда. Имено, кога во 1938 Хитлер наредил Германија да ја бојкотира, Мусолини требало да му се придружи. Ферми пак однапред бил прашан од Комитетот дали би ја прифатил (и ова е веројатно единствениот добитник кој однапред знаел за истото), па тој не се двоумел да емигрира за да не ризикува некој да му забрани да ја прими. Фермиеви на пат за САД застанале во Стокхолм, каде на Енрико, заедно со лауреатот за книжевност таа година, Перл Бак, му било врачено признанието.
Новата биографија ги покрива сите овие приказни со историска прецизност. И потсетува дека „фермионите“ кои се судираат во акцелераторот Фермилаб во Илионоис, именуван така во често на научникот, се како и тој: енергични, но тешко дофатливи.