Тешко преводливиот наслов на книгата, Tombé dans l'oreille d'un sourd, на француски значи нешто како „Да му зборуваш на глув“ или „Од едно уво влегло-од друго излегло“. Користењето на ваквата политички некоректна реченица веројатно има конкретна намера - да привлече внимание на оние кои ги користат ваквите метафори (како што беше случајот со дискусијата околу користењето на изразот „аутистични“ политичари кај нас) за реалните проблеми на оние кои и да сакаат да ве слушнат и сослушаат, тоа не го можат да го сторат од оправдани причини.
Приказната во стрипот оди вака: Грегори и Надеж, тазе земени, се подготвуваат да станат родители и очекуваат близнаци. Веднаш по раѓањето едниот од близнаците, Шарл, почнува да страда од џигерот и не може да пие обично млеко, а за вториот, Тристан, се открива дека е сосема глув.
Оној кој зборува во прво лице е Грегори, кој ја раскажува секојдневната тешка борба на неговото семејство. Соочен со нехуман систем на социјална помош (да, и во Франција) и предрасудите на луѓето околу нив, тој понекогаш е неверојатно храбар и одлучен, но на моменти сосема исцрпен од сите тие предизвици.
Автор на стрипот е Грегори Махју (Grégory Mahieux), а цртежите на Одри Левитр. Секое поглавје има поднаслов поврзан со музика, како „Фејд аут“, „Концерт“, „Бе-мол“. Книгата е наменета како за возрасните, така и за децата кои се на слична возраст со Тристан, за подобро да го разберат светот на тишината во којшто тој живее.
Извор: Le Figaro