Филмот е режиран од Јан Форсит и Џејн Полард, кои со Кејв соработувале во 2008 на спотот за песната Dig! Lazarus Dig!. Тие подолго време морале да го убедуваат Ник дека филмот е добра идеја, бидејќи тој е познат по воздржаноста да зборува за приватниот живот или да биде сниман вон сцената. Сепак, нековенционалниот пристап на режисерите направил да ја стекне довербата - тие не се обидуваат, како повеќето музички документарци, да откријат нешто досега непознато, да ја „симнат маската" од славната личност, да го разнишаат митот. Како што изјавуваат, нивната работа била инспирирана од филмот One Plus One во кој Жан-Лик Годар го прикажува снимањето на албумот Sympathy for the Devil на Ролинг Стоунс, комбинирано со режирани снимки во кои се појавуваат необични ликови, навидум неспоиви со основната приказна.
Насловот на филмот доаѓа од еден неискористен стих на Кејв во неговата тетратка, во која запишал дека е точно 20,000 денови стар кога почнал да работи на албумот „Push the Sky Away", кога и почнало снимањето на филмот. Сцените се замислени од Форсит и Полард, тие се еден вид конструирани реални ситуации во кои Ник може да импровизира, без сценарио: како пишува, руча со соработниците, ја посетува Архивата на Ник Кејв (која навистина постои во Центарот за уметност во Мелбурн), а снимена е дури и негова сеанса кај психијатар.
„Снимаа сè'", објаснува Кејв за Гардијан. „Имаа мала камера сместена во мојата работна соба која ме снимаше додека пишував и свирев. Тоа е една од причините зошто се препуштив, затоа што камерите ретко ги регистрираат музичарите додека работат нешто навистина битно. Во минатото ги пуштав само да влезат во студио, но тогаш е сниман практично крајот на процесот на создавањето музика".
Искористени се и некои ретки архивски снимки, како една во која на концерт во Германија некој тип скока на сцената и се моча на басистот на Birthday Party. Ник во филмот ја коментира сцената во манир на спортски коментатор.
Претходни филмови на истите режисери се Rock'N'Roll Suicide, документарец кој го реконструира прошталниот настап на Дејвид Боуви, како и File under Sacred Music, кој ја регистрира свирката на бендот The Cramps во една институција за ментално болни во 1978. Премиерата на „20,000 денови“ се планира за 2014.