Кога пристигнувате ви велат да ги исклучите телефоните, да не фотографирате или твитате, и дека треба да бидете спремни да го напуштите местото во случај на полициска контрола, затоа што престојот тука е всушност незаконски. Ако се согласите на овие услови, следно е да успеете да се искачите по високите и стрмни скали и да се провлечете низ тесната врата. Внатре ве дочекува бар осветлен од свеќи, масички и голем лустер, сè направено од делови од пијано. Ве послужуваат со коктел од виски, а над главата ви свири бенд составен од хармоника и контрабас.
„Ноќна чапја" не е некаков тематски бар кој трага по ексклузивност, создавајќи „филм" на тајност. Тој е дел уметничка инсталација, дел социјален експеримент. Неговиот автор, 31-годишниот Н. Д. Остин вакви настани организирал и претходно, како фото сафари во пет наутро во неактивна фабрика за шеќер во Бруклин, или џез концерти во напуштено одмаралиште во Пенсилванија. Заедничко во сите случаи е дека на гостите им се даваат само најосновни информации за активноста или конечната локација.
Локацијата (Челси, Њујорк) е одбрана по подолго истражување онлајн (вклучувајќи и сателитски снимки) и две недели искачување и влегување по разни темни и валкани места. „Започнав со спиок од најмалку педесет згради, а се искачив на врвот на околу 30 цистерни за вода", изјавил Остин. На крај одбрал една, која ја реновирале два месеца, работејќи исклучиво ноќе, и смислувајќи најсоодветен ентериер, кој би можел да прими барем 12 души, келнери и бенд.
Останало уште едно прашање. Како да поканиш луѓе на тајно место, кое ќе работи само неколку викенди? Сигурно не преку Фејсбук. На крај смислиле решение - на секој од гостите на крај им било давано писмо на благодарност за посетата и по два часовника кои тие можеле да им ги подарат на пријатели, а ако сакаат можеле да докупат уште некој. Најпрвин парот часовници чинел 80 долари за на крај, заради големата побарувачка да достигне 300. Случајно, еден од часовниците паднал во рацете на Кристина Џонс, добитничка на наградата Тони за дизајн на сет, која била воодушевена од ентузијазмот но и вештината на изведбата на целата работа. Но вообичаено луѓето кои доаѓале секоја вечер не биле од „хипстерскиот" сој, туку најразлични типови - од уметници кои се борат да преживеат до машински инженери.
Остин го сумира искуството на на луѓето кои дошле и си поминале супер на следниов начин: „Ме потсетува на прашањето во Малиот принц. Зошто пустината е убава? Пустината е убава затоа што некаде крие извор".