Пред два века големиот поет Пушкин ja напишaл драмата „Борис Годунов“, која се одвива во текот на бурниот 17 век. Главниот лик, царот Борис, брутално го зазема престолот. На крајот, тој е жртва на својата страст за моќ, со себе повлекувајќи го и своето семејство, но и целата земја.
Половина век после Пушкин, композиторот Модест Мусоргски ја искористил приказната за својата опера под истиот наслов. Неодамна во Штутгард беше изведена нова верзија, во режија на Сергеј Невски.
Либретото на едночасовната опера е базирано на книгата „Време од втора рака“ на Светлана Алексиевич, која во 2015 ја доби Нобеловата за книжевност. Ова нејзино дело е лоцирано во постсоветскиот период на 1990-тите, турбулентна епоха која често е споредувана со онаа на Годунов.
Романот на Алексиевич е составен од бројни трагични животни стории кои го одразуваат тешкото време во кое живеле нивните ликови: мајка чие дете си го одзело животот; поранешен партизан-Евреин кој на стари години се соочува со ужасното минато на геноцидот; млад бездомник кој запаѓа во безнадежна сиромаштија. Седумте сцени во кои ликовите на Алексиевич ги раскажуваат своите трагедии, главно низ монолози, се помешани со делови од оригиналната опера на Мусоргски, како асоцијација на сличноста на периодите за кои станува збор.
Во интервју за Дојче Веле Алексиевич вели дека е презадоволна од операта и од суптилниот пристап на режисерот кон нејзиниот текст, но и тоа дека е тажно што „ништо не се менува во Русија“. Сепак, признава дека младите активисти имаат енергија која според неа произлегува од тоа што се пораснати со „Хари Потер“ и ги разбираат концептите на доброто и злото различно од повозрасните (Руси и други) кои растеле со Достоевски.
Таа во интервјуто исто така открива дека работи на нова книга, а темата е љубов. Љубов на мажи кон жени, мажи кон мажи и жени кон жени, или „љубов генерално, најголемиот подарок на животот“.