„Ниту потврдуваме, ниту демантираме“ - историја на реченицата што не кажува ништо

Некои фрази ја надживуваат својата првобитна намена. Изговорени во точно определен историски миг, тие со текот на времето стануваат дел од политичкиот, правниот, па дури и од секојдневниот јазик. Таков е случајот со прочуената формулација: „Не можеме ниту да потврдиме, ниту да демантираме.“ Денес ја слушаме во филмови за шпиони, во политички изјави, во судски постапки и во медиумите, но малкумина знаат дека зад неа се крие една од најсмелите разузнавачки операции на Студената војна.

Во светот на разузнавањето, информацијата понекогаш не се крие така што ќе се негира, туку така што воопшто нема да се признае дека постои. Токму од оваа логика произлегол терминот „Гломар одговор“ (Glomar response), денес добро познат во американското право и дипломатската практика.

Неговото потекло води кон 1968 година, кога советската нуклеарна подморница К-129 мистериозно потонала во северниот дел на Тихиот Океан. За Советскиот Сојуз тоа било трагедија и државна тајна. За САД – единствена можност да дојдат до советски нуклеарни технологии, криптографски системи и разузнавачки материјали.

Американската Централна разузнавачка агенција започнала проект кој со години останал скриен од јавноста. Под кодното име „Проект Азоријан“, бил изграден специјален брод способен да извлекува огромни товари од речиси пет километри длабочина. Бродот бил наречен „Хјуз Гломар експлорер“,  а официјалното објаснување било дека милијардерот Хауард Хјуз финансира експериментална експлоатација на минерали од морското дно.

Всушност, станувало збор за една од најскапите и најамбициозни тајни операции во историјата на ЦИА. Неколку години подоцна новинарите почнале да се сомневаат дека приказната за рударството не е вистинската. Следувале барања за пристап до документи според американскиот Закон за слободен пристап до информации. Но разузнавачката агенција се нашла пред необичен проблем: ако потврди дека има документи, индиректно признава дека операцијата навистина постоела. Ако одговори дека нема документи, повторно открива чувствителна информација.

Затоа бил создаден сосема нов вид официјален одговор:

„Не можеме ниту да потврдиме ниту да демантираме дека такви документи постојат.“

Оваа реченица, која подоцна ќе стане позната како „Гломар риспонс“, всушност претставува одбивање да се одговори дури и на прашањето дали воопшто постои нешто за што може да се зборува.

Со текот на времето американските судови ја прифатиле оваа практика како законски оправдана кога станува збор за национална безбедност, разузнавачки извори или тајни операции. Денес таа е дел од американската правна традиција и редовно се користи во случаи што се однесуваат на ЦИА, ФБИ и други државни институции.

Во последните децении „гломар-одговорот“ далеку ја надминал својата првична намена. Изразот се користи кога се бараат документи за тајни затвори, програми за масовен надзор, операции против тероризмот или дипломатски преговори. Наместо институцијата да каже „да“ или „не“, таа одговара дека не може да потврди ниту да негира дали воопшто располага со такви информации.

Не е тешко да се забележи дека самиот принцип има речиси книжевна природа. Наместо да ја сокрие вистината зад лага, тој ја сокрива зад неодговорено прашање. Во тој поглед, потсетува на парадоксите во романите на Франц Кафка, каде институциите не ги негираат фактите, туку создаваат лавиринт во кој вистината останува недофатлива.

Иако терминот се родил во екот на Студената војна, неговата актуелност не исчезнала. Напротив, во времето на дигиталниот надзор, вештачката интелигенција и масовното собирање податоци, прашањето што го отвора е можеби уште поважно отколку пред педесет години: дали јавноста има право да знае сè, или постојат информации чие само постоење мора да остане тајна?

Врз основа на нова подкаст епизода на Рејдиолаб

27 јули 2026 - 11:28