„Конвиниенс“ како квалитет не само што е одлучувачки дали нешто ќе се продава или не, туку ги насочува нашите одлуки, ги обликува нашите однесувања, и полека но сигурно станува смисла на живот. За толку моќен феномен би се рекло дека ќе ја има длабочината на Фројдовото несвесно, или математичката елеганција на економските теории. Ама не. Практичноста и употребливоста се досадни. Што сепак не е исто што и тривијални, пишува Њујорк Тајмс.
Во развиените држави на 21 век ефикасниот и полесниот начин на извршувањето задачи во моментов е доминантната пазарна вредност, која се заканува да стане и врвна идеолошка вредност (ако тоа веќе се нема случено). Значи таква која ќе ги прегази оние до сега воспеваните, на слободата и индивидуалноста. Не сме ни свесни за тоа, но квалитетот на „многу е згодно“ ги носи одлуките во наше име, потиснувајќи ги нашите фантазии или вистински преференци. Пример, многу луѓе, ако се прашуваат, повеќе сакаат да варат турско на плин и да „му баат“ додека кајмакот не се крене. Ама, оние ќесички 3 во 1 што се попаруваат со врела вода се толку практични, што само заради таа причина (плус немукает и мрза) луѓето се решаваат за нив.
И така со сè. Практичноста прави сите други опции воопшто да не се земаат предвид. Откако еднаш се навикнавме на машини за перење, опцијата на рака да переш куп алишта стана „ирационална“. Откако ќе се навлечеш на стриминг ТВ сервиси идејата дека би требало да чекаш нова епизода ЦЕЛА НЕДЕЛА за да ја гледаш на „нормална“ телевизија е вознемирувачка и не доаѓа предвид. Да отвориш енцилопедија за да побараш нешто рачно, кога можеш на Гугл?! Какво губење време. Потребен е НАВИСТИНА голем напор, самосвест, интроспекција, душевна хигиена итн., за некој да се откаже од лагодноста во име на повисоки цели. И притоа да ризикува да биде прогласен за ексцентрик и фанатик.
Само по себе олеснувањето на нешто, правењето тоа да е попрактично, не е зло. Напротив, често отвара можности, особено за оние кои не се снаоѓаат најдобро со сложени упатства и технологии. Но тоа станува опасно кога се судира со други идеали кои ги сметаме за важни. Тоа е мрачната страна на удобноста, која со своето ветување за ефикасност и отсуство на напор ги прикрива или целосно анулира предизвиците кои помагаат да му се даде значење на животот. Создадена за да нè ослободи, таа може да стане пречка во нашето зреење како луѓе. Ова особено важи за помладите, кои навикнати на нешта кои даваат минимален отпор се шокирани кога ќе се соочат со такви кои се тешки, неудобни и нелагодни. А такви има многу.
Практичните предмети навистина штедат време, но што правиме со времето кое сме го ќариле затоа што не мораме (веќе) да пешачиме со километри до најблиската продавница, затоа што повеќето од нас не мора да перат на рака или да палат оган за да зготват. Ја уживаме ли удобноста која овие нешта ни ја овозможуваат, или само рутински ја вградуваме во секојдневните животи, без вистински да размислиме што подразбира таа? А подразбира многу трошење време и пари на ветувања за заштеда на време и пари, нервоза за она што е побавно од очекуваното, разгаленост во однос на тоа колку ефикасно би требало да се одвиваат нештата.
Денешниот однос кон практичноста е издигнат на ниво на култ. Таа е цел, но не и патување. Така, стануваме луѓе кои не се подготвени да се соочат со тешкотија, и кои се фокусирани само на резултатот. Ризикуваме нашите животи да станат бесконечна потрага по полесното, поефикасното, поудобното. И притоа да заборавиме дека најважните нешта во него - љубовта, убавината, спокојството - бараат многу напор и работа.