Не - збор кој изразува негативен или алтернативен избор и можност, одрекување или одбивање, негација
Да - збор кој се користи за изразување согласност или потврда, за нагласување на експлицитна фраза или во прашална форма за изразување несигурност или учтив интерес
НеДа - негација на да, но не и јасно не, нешто помеѓу
По логиката дека обратно од може е не може (could+not=couldn't), 30.000 луѓе потпишаа петиција во англискиот да се воведе yesn't како спој од yes и not. Овој израз според нив е идеален бидејќи не означува грубо „не“ кога некого одбиваш или кога нешто негираш, туку е некако неодреден, што ќе рече и политички коректен.
Во целата фама околу зборов што се случуваше деновиве на интернет, а доведена на некој чуден начин во врска си со виралното Јани/Лорел аудио (тука, веројатно затоа што некому во yesn't му се слуша повеќе да-то а некому не-то) , беше прозван и речникот Меријам Вебстер, кој требаше да се изјасни дали би го вклучил yesn't во своите редови. Одговорот на речникот на Твитер беше ироничен и одречен - пост за зборот nope, кој веќе постои во него.
Како да се работи за крај на светот, од една страна почнаа да се бунат луѓе кои велат дека дури тогаш, ако зборов биде прифатен, нема да се знае што е што, и дека не може важни работи по живот, како „Кажи ѝ не на дрогата“ да се карикираат во „Кажи ѝ да-не“. Други почнаа да прават мемиња со негации на секакви зборови, како capitalisn't за комунизам, или men't за жени.
Не е само јасно што е пораката на петицијата, дали со потпишувањето се вика „да“ или „не“ на кампањата за НеДа.