„Не ми се излегуваше“: шпанска спортистка помина 500 денови изолирана во пештера

Откако поминала скоро година и пол во речиси целосна изолација 70 метри под земја, Беатриз Фламини излегла од пештера во јужна Шпанија и прашала - Кој части пиво? Додека била внатре прочитала 60 книги, немала поим што се случува во надворешниот свет и била „во контакт со себеси“. Ја разбираме зошто не ѝ се излегувало.

На 21 ноември 2021, спортистката Беатриз Фламини влегла во пештера во Гранада, одлучна таму да помине 500 дена сама, следена од далечина од група научници. Нивната цел - да ги истражат ефектите на изолацијата. 

На почетокот на овој потфат Фламини имала 48 години, а 50 кога официјално ја исполнила мисијата, минатиот петок на 14.4. Откако се појавила на површината и ги поздравила поддржувачите, таа одржала едночасовна прес конференција на која изјавила дека иако ѝ е потребно да наздрави и да се истушира, би можела да остане во пештерата и подолго. „Дремев кога се симнаа по мене. Мислев дека нешто се случило. Реков: зарем веќе? Нема шанси. Не си ја дочитав книгата.“ 

Всушност, додека била долу таа прочитала 60 книги. Времето го исполнувала и со цртање, вежбање, плетење волнени капи и снимање видеа. Шпанската продуцентска куќа Докумалија планира да го претвори нејзиното искуство во документарец.

Фламини вели дека загубила чувство за време околу по околу два месеца во пештерата, и на крајот мислела дека поминала таму 160 или 170 денови. Го опишала искуството како „одлично и неспоредливо“, и изјавила дека никогаш не ѝ дошла мисла да го притисне „паничното копче“. „Всушност, не сакав да излезам“, вели таа. За неа како се уште да е 2021 - не знаела за инвазијата во Украина и за смртта на кралицата Елизабета Втора. 

Додека била во пештерата ја следеле научници од три универзитета во Шпанија кои остварувале комуникација користејќи специјален и ограничен систем на испраќање пораки. Храната ѝ се состоела од посебно одбрани состојки, како авокадоа и свежи јајца. Таа ги замолила членовите на семејството да не ја контактираат, дури и во случај на смрт на некој од нив. Единствена мала пауза поради технички проблем се случила околу 300-тиот ден, кога таа минала 8 денови во шатор без контакти со други лица. 

Сега останува научниците да ги сумираат сите добиени податоци и да излезат со резултати како влијае социјалната изолација и екстремната временска дезориентација врз човечкото тело и ум. 

18 април 2023 - 07:07