На 9 ноември во Србија се одржа премиера на филм под наслов „Вера“ на режисерот Недељко Ковачиќ. Истовремено, од него ќе биде создадена и ТВ серија која во текот на 2023 ќе се емитува на српската телевизија. Опишан како „шпионски трилер со елементи на мелодрама“, тој е инспириран од вистинска приказна за „српската Мата Хари“, Вера Пешиќ (1919-1944).
Родена е во Сијаринска бања кај Лесковац. Дедо ѝ бил судија на Големиот црногорски суд на Цетиње, а татко ѝ начелник на срезот. Освен по потеклото, Вера била прочуена по убавината, па ја нарекле „лесковачката убавица“. Кога нејзините родители од непознати причини останале без пари, таа ги спасила со тоа што се омажила за полицискиот писар Мило Крчединац. Имала 16 години.
Се развела по две години, токму кога умрел татко ѝ, па мајка ѝ, госпоѓа Анѓа, ја преселила во Белград. Се вработила како продавачка за скромна плата, но имала разработена стратегија - често излегувала, па убава каква што била наскоро го привлекла вниманието на извесен пешадиски мајор, Славко Радовиќ, офицер во генералштабот на Југословенската кралска војска. Тој во Вера, меѓу другото, препознал квалитети на добар оперативец. Таа се запишува на курс за „обавештајци“, учи германски, англиски и француски и се запознава со строго доверливи документи. За нејзиното образование да биде комплетно, учи да танцува во школата на Мага Магазиновиќ.
Во целосна тајност, во меѓувреме станува член на Комунистичката партија (подоцна и на Централниот комитет), па така веќе од првите денови во тајната служба станува двоен шпион.
Нејзината задача од аспект на војската бил да се инфилтрира во шпионската мрежа на Британците, Французите и секако на Германците. За да го постигне тоа станала редовна гостинка на престижни забави, популарни хотели и ресторани и се дружела со дипломати и различни влијателни личности собирајќи информации. Се претставувала како вработена во Генералштабот на војската, па нејзините мети се обидувале од неа да дознаат инсајдерски информации, давајќи ѝ пари и овозможувајќи ѝ предност во шпионските игри.
За да влезе во друштвото на германските шпиони ѝ помогнала Елизабета фон Малзан, попозната како „Убавата Лили“, сопруга на германскиот амбасадор, која и самата се занимавала со шпионажа. Во 1939 Вера добива директна понуда да влезе во Гестапо и во тајната германска служба БСД. Почнала афера со мајорот Карло Лотар Краус, шеф на Гестапо во Белград, и станала најважниот германски агент во Југославија.
Но пред почетокот на Втората светска војна, Југословенската служба ја открила повеќекратната улога на Вера, ја исфрлила од своите редови и ја предала на белградската полиција. Таму ја испитувале и ја мачеле, а ја спасиле Краус и кнезот Павле. Префрлена е во Виена на лечење, каде се зборува дека се запознала со Хитлер. Не се знае дали и со него паднал некаков договор, но потоа се вратила во Белград да работи како дописник на германски весници.
Како новинарка патувала во Грција, Турција и Бугарија и од таму носела информации кои им ги доставувала на сите засегнати страни. Се замешала и со четниците, па со нивниот војвода во 1941 заминува во Софија на состанок со рајхмаршалот Херман Геринг, каде војводата добива тогашни 200.000 марки за да не се бори против германската војска.
Иако некои од комунистите биле стрелани како резултат на информациите кои доаѓале од неа, други пак биле пуштени од заробеништво токму благодарејќи на нејзините гаранции.
Нејзината игра повремено била откривана, но таа секогаш успевала да извлече жива глава. Така, во 1943 четниците ја апсат и ја осудуваат на смрт. По бројни интервенции, таа бара разговор во четири очи со мајорот Радослав Ѓуриќ, попознат како „капларот Миќа“. Разговарале цела ноќ, а утрото таа е ненадејно помилувана затоа што „нејзиното сведочење после војната би можело да разоткрие голем број предавници“. Вера станала љубовница на Ѓуриќ, а својата претходничка, лекарка, ја пријавила на Гестапо, кој ја стрелал како Еврејка.
И покрај влијанието кое некое време го имала преку Ѓуриќ, кога се открило дека тој е „кртица“ на Тито, таа е заробена заедно со него и мајка ѝ. Во една верзија, Ѓуриќ успеал да побегне, и потоа им се придружил на комунистите. Вера е изведена пред стрелачки вод, а последните зборови ѝ биле - „не ми пукајте во лице“.
За крај, детали кои како да не му припаѓаат на тукушто опишаниот живот: Вера била авторка на „Српска читанка“ објавена во 50.000 примероци која служела за описменување на широките народни маси, и на „Српскиот календар“. Пред војната објавила дваесетина приказни, а нејзиниот дневник, за којшто Гестапо се интересирал повеќе отколку за нејзиниот приватен живот, во 1956 е објавен во Чикаго.