Во 2017 излезе вест дека двајца американски истражувачи, Крис Гавалер и Дан Џонсон, едниот професор по англистика, другиот по психологија, дошле до заклучок дека научната фантастика во споредба со читањето „обична“ фикција го намалува напорот за разбирање на прочитаното, и перцепцијата на книжевната вредност на истото (оригиналната научна статија тука). Накратко - дека читањето ес-еф заглупува.
Нивното истражување тогаш вклучило 150 учесници на кои им бил даден текст од 1000 зборови, со отприлика иста нарација, но со различен крај согласно жанрот. Едната верзија завршува во ресторан, а втората во вселенска станица населена од вонземјани, андроиди и луѓе. Излегло дека во споредба со првиот, наративен реализам, вториот бил перцепиран како „поедноставен“, што ги намалило обидите на учесниците да навлезат подлабоко во структурата на приказната и во карактерот на ликовите.
Истите истражувачи, веројатно поттикнати од реакции на бројни внимателни и емпатични читачи на научна фантастика, сега го повториле истражувањето. Овој пат на 204 испитаници им била дадена една од две приказни, обете под наслов „Ада“. Тие биле идентични, освен во еден збор. „Реалистичната“ почнува со: „Ќерка ми стои зад барот, и пребришува винска чаша со бела крпа“. Ес-еф верзијата почнува со: „Мојот робот стои зад барот..“
Во нешто што истражувачите го нарекуваат „значајно различен резултат од претходната студија“, читателите на обата текста покажале исто ниво на разбирање и емпатија. И ова покажува дека квалитетот на напишаното, а не жанрот, е тој што ја прави разликата во нечија перцепција. Во првото истражување постоечки реалистичен текст „на сила“ бил направен да звучи како научно-фантастичен, па не е ни чудно што читателите не се сродиле со она што се случувало во него. Но во новово истражување тие одбрале квалитетен расказ, па на читателите не им направило разлика дали главниот лик е робот или андроид или човек, сè додека приказната е интересна.
Не сме баш начисто зошто морало да се прави толкаво истражување на темава кога работата требало да биде јасна уште на самиот почеток - дека и да читаш прирачник за местење полица, ако таа е напишана од талентирана рака, ќе се зачиташ заборавајќи на даските што ти стојат наоколу.