Преминот од 17 во 18 век се смета за „златно доба“ на холандската наука и технологија, кога голем број учени но и самоуки истражувачи отворале нови хоризонти во различни дисциплини. Помеѓу нив бил и Антони Филипс ван Левенхук, микробиолог, кој се смета за еден од изумителите на микроскопот.
Користејќи апарати кои самиот ги дизајнирал и ги изработувал, ван Левенхук бил првиот кој набљудувал и експериментирал со микроби, кои првично ги нарекувал „мали животинки“. Денес нив ги нарекуваме едноклеточни организми, иако тој забележал и повеќеклеточни организми во застоени води. Бил и првиот кој документирал микроскопски набљудувања на мускулни влакна, црвени крвни клетки, бактерии, и меѓу првите кои го следел течењето на крвта низ капиларите.
Oвие нешта сигурно го исполнувале со задоволство и дополнително му ја поттикнувале љубопитноста. Но едно нешто посакал да го од-види: сперматозоидите.
Човештвото имало горе-долу доволно знаење за тоа како функционира репродукцијата уште пред микроскопот. Но пред изумувањето на микроскопот никој не знаел што е точно „сперма“ и како таа изгледа. Прв кој ги видел малите „полноглавци“ бил токму ван Левенхук, но тоа го сторил не по сопствена желба, туку по поттик од Кралското здружение на наука во Лондон. Иако немал завршено формално образование, ниту пак некогаш напишал книга, Левенхук ја запознавал тогашната мејстрим академска заедница со своите наоди преку писма објавени во научно списание под име „Филозофски размени на Кралското здружение“. Од таму пак повремено стигнувале и „нарачки“. Една од нив се однесувала токму на истражувањето на машката семенска течност. Taa до тогаш била прилично мистериозна, а нејзините рани проучувачи си поставувале прашања од типот - дали сперматозоидите се живи суштества? Дали се паразити? И дали секој од нив содржи мало, претходно формирано човечко суштество кое е „зипувано“ во него?
Но Левенхук давал отпор и велел дека неговите верски убедувања не му дозволуваат да се занимава со оваа тема. Конечно, во 1677, попуштил, а неговата реакција била на човек кој се ужаснал од она што го видел:
„Ако сметате дека овие наоди можат да ја згрозат или да ја скандализираат академската заедница, искрено ве молам да ги сметате за приватни, и да ги објавите или да ги уништите по Ваше наоѓање“, напишал тој до Кралското здружение.
Неговиот претседател сепак одлучил да ги објави резултатите во спомнатото списание, со тоа воспоставувајќи сосема ново поле во биологијата на спермата. Но требало да поминат дури два века пред научниците да се согласат околу тоа како се формираат човечките суштества. Притоа се појавиле две главни струи: „преформационистите“ (оние од претходно кои велеле дека спермата содржи веќе формирана возрасна единка) и „епигенезистите“ кои сметале дека и мажите и жените придонесуваат со материјал за формирање на нов организам, иако не им било јасно како. Со развојот на микроскопијата, во средината на 19 век истражувачите веќе можеле да набљудуваат како се развива ембрион, што ја поддржало втората теорија. Истовремено, истражувањето на спермата фрлило нова светлина на телесните системи. Во 1960 истражувачите го идентификувале протеинот динеин, кој е одговорен за движењето на сперматозоидите, но истиот моторички протеин е одговорен и за различни видови процеси кои се одвиваат во клетките.
Што се однесува до Левенхук, тој до крајот на животот си ја продолжил кариерата на продавач на текстил и светски познат произведувач на микроскопи. Бидејќи не го сфатил баш она што го видел под микроскоп, неговото откритие ќе остане нешто повеќе од занимливост уште долго време.