Неверојатната авантура на Кит Брн (10) и Ноел Мареј (13) започнала кога една вечер во 1985 излегле на улица да играат. Последните зборови на мајка му на Кит биле - „Не оди далеку, наскоро ќе вечераме“. „Нема“ - одговорил тој.
Ама излажал. Двете деца наскоро се качиле на воз, потоа на фери, одбегнувајќи ги контролорите на билети. На крај пристигнале со железница во Лондон. Но ова не им било крајната цел. Се упатиле кон аеродромот Хитроу, со само неколку монети во џебот, земени од дното на фонтана. Кога прашале случаен патник каде оди неговиот авион, тој им рекол „Њујорк“. Се качиле на авионот со тоа што на контролорите им рекле дека родителите се позади нив. Авионот бил на компанијата Ер Индија и бил полупразен. Леснотијата со којашто влегле и останале во авионот е уште поинтересна имајќи предвид дека само два месеци претходно авион на истата компанија експлодирал над југозападна Ирска, при што погинале 329 луѓе.
Брн се сеќава дека не можел да го јаде многу лутото кари кое го служеле во авионот и дека гледале филм со Џејмс Бонд. Нивното патешествие завршило кога сакале да го напуштат аеродромот Џе-еф-кеј и прашале полицаец како да стигнат „до град“.
Биле однесени во полициска станица каде веднаш станале центар на внимание. Ги ставиле во хотел со петорица обезбедувачи, и им доставувале чипс и храна. Децата се чувствувале „како лордови“.
Нивната приказна се нашла на насловните страници на њујоршките весници, а сега во тек е подготовка на филм инспириран од неа. Тој ќе се вика „Не оди далеку“ а негов продуцент е Френк Маршал, познат по својата работа со Спилберг.
Кит и Ноел, кои сега имаат 40-тина години, се уште живеат во родната Ирска. Едно од објаснувањата зошто сакале да одат до Америка е затоа што сакале да го видат нивниот омилен борач, Б А Баракус.