Наскоро може да почнат да се додаваат реклами во стари филмови

Таканаречениот „продакт плејсмент“, или стратешко поставување производи и реклами во филмските кадри, е голем бизнис и за филмовите и за сериите. Сега вакви „сублиминални“ пораки може да бидат додавани дигитално, и во стари и во понови дела.

Сме ја гледале сто пати - антологиската сцена во „Таксист“ на Скорсезе со монологот You-talkin'-to-me? на Де Ниро. Во позадината се гледа кујнска полица со грицки, макарони и тавчиња.

Е сега замислете го истиот филм и истата сцена, ама на полицата да стои видлива конзерва пиво или одреден бренд инстант пире.

Ова звучи истовремено и како богохулење и невозможно. Но рекламирањето производи во филмови е речиси исто толку старо колку и филмската индустрија. За прв пример на овој феномен се смета комедијата „Гаражата“ на Бастер Китон од 1919, каде во позадината се видливи логоа на компании за нафта и моторно масло.

Забрзано до 2019, и глобалната индустрија на „продакт плејсмент“, која опфаќа филмови, ТВ серии и музички видеа, се проценува на повеќе од 20 милијарди долари. Високо исплатливо е главниот актер да носи одреден бренд облека, да пие некое посебно кафе, или да вози одредена кола (прашајте како пројадовме Чириос - од „Брејкинг бед“ ни е).

Иако претходно производот требало да биде физички присутен на сетот, рекламната индустрија сега се врти кон технологија која без маана може да вметне компјутерски генерирани слики во што и да е, или да ги замени постоечките. На пример, би можеле да бидат ставени нови етикети на шишињата шампањ во кафаната на Рик во „Казабланка“ и различни неонски реклами во „11-мината на Оушн“, или да се направи Чарли Чаплин да промовира газиран пијалок.

Една од компаниите која го има развиено ова е од Британија и се вика Миријад. Нејзината технологија сега се користи од кинески видео стриминг сајт, а го имаат испробано и креаторите на хит ТВ шоуто „Модерно семејство“. Се очекува ваквата пракса во блиска иднина да се шири а „инсертирањето“ на производот да биде изведено толку суптилно, што обичниот гледач нема ни да сфати дека нешто е одземено или додадено во кадарот. Сепак, пораката потсвесно ќе стигне до него.

19 април 2021 - 18:33