Направете да е незгодно

„Незгодноста“ на некоја ситуација, однос или настан, наместо да биде повод за тревожење, може да послужи како можност за поинаков начин на пишување на социјалното сценарио, oдносно пополнување на дупките кои тоа ги содржи кога се во прашање табуизирани ситуации.

Платоновото прашање од „Федар или за убавината“ кое гласеше - „А што е добро, а што не е, треба ли тоа некого да го прашаме за да ни каже?“, може лесно да се пренапише со „А што е незгодно, а што не е“. Имено, историски и културолошки концептот на „незгодно“ толку многу се разликува што тешко е да се најде НЗС кој би бил универзален, дури и кога станува збор за табуа како секс или смрт.

Па сепак, иако содржината на „незгодното“ може да варира, самиот концепт си постои и ја инхибира нашата способност за делување дури и кога знаеме дека нешто треба/мора да се каже или стори. Желбата за одбегнување на „незгодното“ функционира како моќна општествена инхибиција, превенира разговор и мотивира придржување до проблематични социјални и морални норми.

Иако има повеќе верзии и нијанси на незгодно, од смешни бенингни ситуации до такви со несогледливи последици, тоа е феномен кој кажува многу за нашите лични и за колективните непишани правила и очекувања. Филмовите и популарната култура генерално ја поттикнуваат идејата за чудни луѓе кои потегнуваат незгодни ситуации, токму поради тоа што несовпаѓањето во социјалниот калап е нешто што нуди заплет, конфликт и евентуално негово разрешување. Во обратното - премолчувањето, конформизмот, имитирањето на другите, „претопувањето“ - тука баш и нема некоја приказна. 

Но како воопшто да се дефинира „незгодно“ (awkward)? Повеќето од нас знаат што е тоа кога ќе го доживеат, но дефиницијата е речиси невозможна, особено затоа што емпириските истражувања на оваа тема ја третираат како вид симптом или посрамување. Но ова е погрешно. Срамот се случува кога поединецот ќе стори социјален гаф - карактеристичните изрази на неговото лице и тело вклучуваат вид извинување. Но незгодното е поинакво, не е нешто што го предизвикува поединец и не е нешто што тој или таа самите можат да го разрешат. Незгодното е празнина во социјалното сценарио, момент кога ни недостасуваат однапред пропишани насоки за тоа како да се однесуваме. Тоа е вид нормативен негативен простор, „интроспекција преку распад“. Токму во тие моменти, среде драмата на животот за која никој не предвидел соодветен текст, ние стануваме не само актери туку и автори. 

Незгодноста е во основа вид социјална дезориентација. Има некаква утеха во тоа да можеш социјално да се ситуираш себеси. Ова не значи дека хиерархиите се удобни или корисни за сите - далеку од тоа. Но иако општественото отфрлање боли, кога станува збор за тоа да си општествено дезориентиран, тоа е поинаков вид непријатност. Дезориентираноста е всушност вградена во самата етимологија на терминот: потекнува од средновековниот англиски, во кој awk значи погрешен или несмасен, а суфиксот ward значи „свртен на погрешна страна“. Која е „точната“ страна зависи од тоа дали ги знаеш локалните правила, на пример дали се вози на лево или на десно (во метафорична но и во многу буквална смисла).

Оној кој го доведува во прашање социјалниот ред претставува закана. Оној што поттикнува ситуции на „незгодно“ е третиран токму на таков начин и најчесто одбегнуван или маргинализиран. Но оние кои имаат ваков став кон незгодното всушност покажуваат со прст на погрешно место - во поединецот кој имал храброст да укаже на некаква тензија и да се обиде да ја разреши споделувајќи го своето „незгодно“ со останатите и на тој начин да придонесе кон адаптирање на спомнатото социјално сценарио, кое колку и да е нормирано, сепак може да има фалинки.

извор

6 септември 2024 - 17:29