Букбокс читанка

Празничен поетски дует

Дуетите во животот се важна работа - да имаш со кого да врзеш муабет, да споделиш мака, да се скараш. Уметноста во тоа не е ништо поразлична од животот. Почнуваме рубрика на креативни соработки, чија црвена лента ја сечат Џовани и Дарко.

Идејата е едноставна - еден почнува (песна, расказ, што и да е), друг продолжува на истата тема. Таа овој пат е празнична, а на местата на Селимова и Желчевски се Јовица Ивановски и Дарко Лешоски, на кои им благодариме што сторија гајрет. Веројатно и сами ќе познаете, ама да ви кажеме - Џовани почна, Дарко ја заврши.

Ви посакуваме спокоен руско-салатен и сарматичен празник, со една стара кинеска: „Почетокот е најтежок во сè. Освен во љубовта".

ПРВИ ЈАНУАРИ

Со тебе започнува
месецот на сите почетоци
и турнејата на Земјата околу Сонцето.
Не ти е лесно да си прв, зашто си веднаш
зад последниот.
Ти си првото црвенило на календарот,
првиот празник во векот.
Почетокот ти е жесток и прегласен
но утрото ти е најмирно на свет.
Зрачиш со позитивна енергија,
со надеж, со верба, со желби:
љубов, среќа, радост, убавина...
Започнуваш со блуд, што не престанува
ни во дните што следат.
Првото пијанство во годината,
првиот танц со два прста во штекер,
првиот секс долг до непаметење...

Најмногу те сакам кога не те славам
и си легнувам пред да те дочекаат
со одбројување
(како кога полетува Аполо ракета
за да освои парче вселена):
десет, девет, осум, седум, шест...
А јас си р'чам, ме заболе за сè.
Па си станувам во седум-осум
и веднаш надвор, во прошетка
(позадината не мора да е снежна).
Ова е вистински почеток – си велам.
Пешачам бесцелно и насмеано.
Минатата година ми е во магла,
а новата ми започнува со сонце
на празна улица.

*

Убаво би било да те сретнам.
Прво тебе баш тебе на улица.
Мада и тоа не мора.
Да те сретнам со поприбрана коса и по тренерки - во рацете со топол леб од џенем онаа по улицата надоле од онаа фурната.
Да те гушнам така уште полупијан и да ти кажам дека „си ми прва жими се" и дека те сакам.
Да ми кажеш „мрш бе мрш, ми студи ајде смрзнав -да ти ебам пијандура да ти ебам..."
Да знаеме обајцата дека те лажам.
Дека така те лажев дека си ми прва и ланска година на први јануар.
Дека ќе те лажам и до година ако даде Бог.
До сто и првата година на први јануар – убила ме романтика!

Ме враќаш под мишка
Топло е во ходникот дома.
Moето „брррррр ама е топло" - го сече твоето „ш'шшшш бе цреп – ќе ги разбудиш децата"
Ме повлекуваш нежно во спална.
Ти велам ме кине главата!
Имам и улошки во фиока - да не имаш добиено? со смеење ми враќаш и ме залапуваш
Чади сеуште лебот и шушка кесата меѓу нас.
Следната секунда - веќе стомакот ти го бацувам.
Топла ти е кожата.
Во папокот ти се собрало бело памучно топче како снегулка.
Ти го вадам!
Се смееш велиш: шо е тоа првпат ми се дешава
И лани така лажеше и лани - ти велам!

Руската салата секогаш е повкусна утрината.
Утринската програма на ТВ секогаш е тапа
ама онаа на први јануари е ван конкуренција!
Шмркаме кафе и молчиме.
Ни ти имаш нешто да ми кажеш
Нит јас имам што да ти кажам.
Спокојни огномети има меѓу нас.
Ми поминува главата.
Спокојно и киселко ти се насмевам, ѓоа тоа е знак дека ми поминува - ете колку да ти кажам,
а ти во истиот миг стануваш до масата
ти ми плазиш јазик ѓоа детенце на некој непознат
и влегуваш да се тушираш.

Музичка илустрација, Џони и Џо

30 декември 2013 - 20:03