Неколку критички осврти за популарни книги во годината што изминува се опишуваат како „потопување во катран, а потоа во пердуви на градскиот плоштад“. Оправдано или не, најострите според изборот на познатото книжевно списание ЛитХаб за 2024 се однесуваат и на неколку дела од инаку популарни автори, односно личности. Еве ги, со извадоци од критиките:
„Меланија“ од Меланија Трамп
По правило, таа постоеше во колективната имагинација не толку како реална жена, со сопствени интереси и карактер, туку како сјајна слика во две димензии, главно позната преку посредувачките алатки на медиумите, кои ја претставуваа како еден од луксузните предмети во арсеналот на нејзиниот могулски сопруг...Дури и откако Трамп стана претседател, Меланија остана суштински незнаен текст. Ова беше во спротивност со историската улога на Првата дама која зависеше од некој вид пристапна легитимност - весела, со искрена волја да ги омекне тврдите рабови на улогата на Претседателот.
Меланија, со нејзиниот изразен акцент од студената војна, облека со прави линии и немање волја да се дискутираат приватни нешта, изгледаше повеќе како секси бондовски шпион отколку како традиционална Прва дама. Нејзината биографија е една од најповршните, најапстрактните и најмалку откривачки описи на еден живот кој некогаш сум го прочитала. Некои од фасцинантните и исклучителни епизоди делуваат прилично здодевно, а нејзините долги описи не додаваат ништо на голите коски на овој потфат. Текстот е оптоварен со општи места и клишеа, на ниво кое не сум го видела од времето на воведниот курс по пишување за бруцоши од раните 2010-ти.
Наоми Фрај во Њујоркер
„Градот и неговите несигурни ѕидини“ од Харуки Мураками
Проблемот со надреалните светови на Мураками е во тоа што тие се толку далеку од реалноста што изгледа дека ништо во нив не е важно - значењето е бескрајно маргинализирано. Изгледа дека неговото дело, со неговите мачки што зборуваат, мистичните пејзажи и безимените, средовечни протагонисти опседнати со своите тинејџерски години, никогаш се нема придвижено од еден облик на магичен реализам кој и онака беше едвај поднослив во неговите кратки рани новели. Неговите книги немаат еволуирано - само имаат станато подолги...Делото на Мураками често се опишува како фантазија, но тука нема ништо од автентичното градење светови кое го наоѓаме во класиците на овој жанр. На лошиот магичен реализам му недостасува и магија и реализам, па „Градот и неговите несигурни ѕидини“ треба да си го заземе местото крај „Алхемичарот“ на Коељо, „Волшебникот“ на Фаулс и „Пророкот“ на Џибран, како и други книги за кои би можело да ви се прости дека сте ги обожавале како тинејџер, но кои како возрасен читател нудат само малку повеќе од засраменост“.
Алекс Престон во Опсервер
„Манија“ од Лајонел Шривер
Интимноста на домашната политика ја модерира полемичката страна на Шривер [американско-британска авторка и новинарка] која вообичаено е груба и напувана, како кога во текот на говор во 2016 на тема културна апропријација носеше сомбреро. Во нејзиниот напорен нов роман, „Манија“, нема рамнотежа...На книгата ѝ недостасува способноста за расудување која е потребна за таа да фунционира. На сатирата и е потребна прецизност, а Шрифер користи секира за нешто за што е потребен скалпер. Нараторот зборува со вештачки, архаичен речник како да е лик од филм од 1930-тите, „среден“ господин во бело одело со елек, кој изгледа како да нема добри намери додека пуфка цигара.
Лаура Милер за Њујорк Тајмс Бук Ривју
„Одмаздата на точката на прекршување“ од Малком Гладвел
Гладвел можел да напише свежа книга. Наместо тоа, создал екстензија на брендот на неговиот хит од 2000-тата, „Точка на прекршување“. Резултатот е книга за самопомош која не содржи практични совети, приказна раскажана без книжевна дарба, нефикција без витални вистини, забава без задоволство, трилер без реално откритие и бизнис книга без откривање на инсајдерски финти. Тој одбрал да биде панаѓурски штанд на кој се нуди солено, мрсно, зашеќерено псевдо-мислење.
Ананд Џиридарадас во Њујорк Тајмс Бук Ривју
И само една реченица за новата, постхумно објавена книга на Маркес, „До август“, во која се нема милост дури и за починатиот голем писател.
„Тешко е да се замисли понезадоволително збогување од авторот на 100 години самотија“. (Мајкл Гринберг во ЊТ Бук Ривју)
Уште остри критики тука