Уве Бол (1965) е германски режисер кој станал познат во 2000-тите по своите екранизации на популарни видео игри. „Познат“ во случајов не значи дека филмовите биле добри, туку напротив, и комерцијално а и содржински тие биле катастрофално лоши. Или барем ги бие таков глас.
Германец кој студирал на Универзитетот во Келн, Бол има докторат по книжевност. Сепак, откако на 10-годишна возраст го гледал „Побуна на бродот Баунти“ со Марлон Брандо, сакал да се занимава со филм. Тоа и го правел, повеќе од 25 години, снимајќи над 30 филмови, за кои ја има добиено Златната малина за „најлоша кариера“ во 2009. За негови „бисери“ се сметаат „БладРајн“ (во кој глумат Митлоуф и Бен Кингсли!), „Сам во мракот“ или „Куќа на мртвите“, сите мешавина на трилер, хорор и акција.
Но и покрај тоа што не успеал да заработи пофалби за своите филмови, Бол се здоби со симпатии кога во 2006 ги предизвика своите критичари на вистинска боксерска борба во ринг.
„Ми се има смачено луѓето да ми ги хејтаат филмовите без да ги имаат видено. Голем број новинари објавуваат судови врз основа на мислења на 1-2000 интернет гласови. Половина од нив се од луѓе кои никогаш не ги гледале моите филмови“, изјавил тогаш.
Типичен пример на такви коментари можат да се видат на IMDb. За „БладРајн“, на пример, приказната за полу-вампир, полу-човек, кој масакрира низ Романија во 18 век, некој напишал: „Без сомневање еден од најлошите филмови кои некогаш бил снимен. Споредено со него Хајлендер двојка изгледа како висока уметност“. Или: „Заштедете си ги парите. Тоа е еден час и 45 минути од животот што нема да ви се вратат“.
Четворица храбри критичари го прифатиле предизвикот и влегле во ринг во канадски Ванкувер (кадешто живее Бол) и веднаш биле нокаутирани. Еден од нив воопшто не очекувал дека ќе има вистинска тепачка, туку мислел дека целата работа е реклама. Помеѓу другите имало и такви кои после „мечот“ плукале крв. На крај било Бол 4 - Критичари 0.
„Сега откако доживеаа мозочна смрт веројатно ќе им се допаѓаат моите филмови“, изјавил режисерот кого го нарекуваат „најлош“ - а некако не ни се проверува дали тоа е навистина така.