„Божикната прослава на Чарли Браун“ е анимиран телевизиски филм од 1965, базиран на стрипот „Пинатс“ на Чарлс М. Шулц. За оние кои не го гледале, во него Чарли Браун соочен со веселите празници за кои не се чувствува баш најрасположен, по наговор на другарка му Луси, решава да режира божикна претстава, во која главен лик е елката. Секако, ова не поминува без проблеми.
Бавната нарација и крајно едноставната приказна на времето не ветувала, а исто така никој не претпоставувал дека саундтракот на триото на Винс Гваралди ќе стане еден од најсаканите божикни албуми на сите времиња.
Роден во 1928 во Сан Франциско, Гваралди го должел својот интерес за џезот на своите двајца вујковци. Почнал да свири клавир на седумгодишна возраст, а се запишал на музичка академија по враќањето од Корејската војна. Наскоро го формирал своето трио, снимајќи ги првите албуми во средината на 1950-тите, кој содржел боса нова и латино џез. Првиот хит му била „Фрли си ја судбината во ветер“, сингл од албум инспириран од филмот „Црниот Орфеј“ на францускиот режисер Марсел Ками. Токму радио емитување на таа песна му влегла во уво на Ли Менделсон, кој ќе го продуцира „Божикот на Чарли Браун“, и тоа додека го минувал мостот Голден Гејт во такси.
На албумот има варијации на традиционални божикни песни како „О Таненбаум“, енергични валцери, па дури и моменти на рок-ен-рол. Празничен албум кој создава таква атмосфера без да биде Уем! или Мараја Кери нападен. Слушнете и самите: