„Големото пилешко: неверојатната приказна за тоа како антибиотиците го создадоа модерното земјоделство и го променија начинот на кој луѓето јадат“ од Марин МекКена
Во 2016 просечниот Американец изел 41 килограм пилешко. Оваа огромна бројка е можна во најголема мерка благодарение на антибиотиците. Истражувачката новинарка Марин МекКена го користи индустриското производство на ова месо како прозорец кон тоа како антибиотиците го трансформирале - за добро или лошо - модерното земјоделство. Истражува како тие, применети врз животни за исхрана, го загрозуваат човечкото здравје, предизвикувајќи сериозни проблеми, од резистентни стомачни инфекции, до посериозни заболувања. Со оглед на тоа што изгледа наскоро сепак нема да престанеме да јадеме пилешко, МекКена разгледува опција на такво фабричко одгледување кое нема да биде зависно од антибиотици, и кое ќе овозможи и да го изедеме стекот, и да преживееме.
„Величина: пропорциите на универзумот“ од Меган Ватс и Кимберли Арканд
Патување низ вселената, времето, големината и брзината, низ богато илустрирана книга. Од најмалото до огромното, од древното до новото, сето тоа е визуелно претставено на начин кој ја доловува вистинската пропорција на нештата во космосот. Колку е голем синиот кит споредено со Халеевата комета? Што е разликата помеѓу нешто старо 1 милион и 1 милијарда секунди? Како се споредува масата на човечка трепка со маса на црна јама во центарот на галаксијата? И каде сме ние во сето тоа?
„Бројките и нашето создавање: броењето и развојот на човечката култура“ од Калеб Еверет
Еволуцијата на нумеричките системи овозможиле бескрајни можности и иновации. Броењето не е вградено во луѓето од раѓање, па сепак повеќето општества биле трансформирани откако измислиле начин на бројат и д амерат. Еверет раскажува за неговата работа со домородните племиња на Амазонија, меѓу кои Пираха, чии членови немаат никаков броен систем, каде открил дека луѓето не можат природно да разликуваат кој и да е број поголем од три. Но правењето разлика помеѓу (на пример) седум од осум, вели авторот, подразбира дали ќе успееме некого да испратиме во вселената или не.
„Бакнежот на гравитацијата: откривањето на гравитациските бранови“ од Хари Колинс
Цели 50 години научниците се обидуваа да детектираат бранувања во време-просторот, познати како гравитациски бранови, со надеж дека ќе потврдат една од претпоставките на Ајнштајн. Ова конечно се случи во септември 2015 - благодарејќи на екстремно сензитивни детектори, физичарите во опсерваторијата LIGO „фатија“ еден од ваквите бранови, што пак од своја страна го разбранува целото поле на астрономијата. Социологот на наука Хари Колинс нè води на патување до ова откритие.
„Еволуцијата на убавината: како Дарвиновата заборавена теорија на избор на партнери го моделира животинскиот свет - и нас“ од Ричард Прум
150 години по Дарвиновата теорија за еволуцијата, таа се уште е извор на инспирација. Орнитологот од Универзитетот Јеил, Ричард Прум, вели дека идејата според која сите структури еволуираат поради некаква однапред одредена причина е погрешна, а како пример ја посочува еволуцијата на убавината, која е случајна и зависи од каприцот односно вкусот на женките. Некои ова го нарекуваат феминистички аргумент во корист на еволуцијата (на машката убавина), но во основа книгата е прослава на бескорисната, а сепак убава - убавина.
„Како е да се биде куче и други авантури во животинската невронаука“ од Грегори Бернс
Дали кучето навистина ве сака? Благодарејќи на невронауката голем број прашања кои имаат врска со чувствата и светогледот на кучињата сега можат да се одговорат, или барем да се дадат поиздржани претпоставки за нив. Бернс ги тренирал кучињата-испитаници да седат во апарат за магнетна резонанца за да им ѕирне во мозоците, и тоа го сторил за прв пат во историјата. Ова пионерско истражување го инспирирало да навлезе подлабоко во умовите и на другите животни, од ракуни до моржови. Неговиот заклучок е прилично едноставен: заради нивната софистицирана способност да мислат, прават избори и да чувствуваат, кучињата и другите животни не го заслужуваат суровиот третман кој луѓето често им го пружаат.