Избришан од историјата

Нацистот што го доби првиот Оскар за главна машка улога

Бил брилијантен германски актер од времето на немиот филм кој палел и гасел во Холивуд. Но кога продуцентите го отпуштиле затоа што неговиот акцент не бил соодветен за ерата на звучниот филм, си нашол ново вработување. Кај Гебелс. 

Кога во 1929 се преброиле гласовите за тоа кој е првиот победник во категоријата најдобар актер, Академијата се соочила со необичен проблем. „Актерот“ бил всушност куче по име Рин-тин-тин, кој се појавувал под името Ринти во популарни филмови како „Кучето на одредот“ и „Вилици од челик“. Филмскиот борд бил загрижен дека доделувањето на првата статуетка на животно би претставувало скандал. Затоа му го доделиле Оскарот на второпласираниот, Емил Јанингс.

Во тоа време некои од наградите биле доделувани за повеќе од еден филм, па така Јанингс победил заради неговите улоги на банкарски службеник во „Сета таа плот“ од 1927 и за неговото портретирање на надвојводата Серж Александар во „Последната команда“ од 1928.

Гледано низ долгата призма на историјата, одлуката била погрешна. Бордот кој бил загрижен за тоа дека ќе се обрука чествувајќи куче, завршил со тоа што оддал признание на човек чија кариера продолжила како пропагатор на Хитлер. Митот вели дека при крајот на Втората светска војна, кога Хитлер и Гебелс биле мртви, Јанингс потрчал кон сојузниците кои влегувале во Берлин со златната статуа во раката, викајќи: „Не пукајте, имам добиено Оскар!“. Не бил затворен, но репутацијата му била уништена. Никогаш повеќе не работел на филм, а не е изненадувачки што и Академијата не го спомнува многу како прв добитник на Оскарот за главна машка улога.

Јанингс бил роден во Швајцарија во 1884. Избегал од дома на 16 години за да стане морнар, но набргу одлучил дека сака да биде актер. Најпрвин работел во театар, но во 1918 добил прв филмски ангажман во „Очите на мумијата“. Набргу се етаблирал како еден од талентите на германскиот нем филм, и глумел во „Отело“ (1922), „Последната смеа“ (1924 - филмот кој Хичкок го опишал како речиси совршен) и „Вариете“ (1925).

Неговата работа го привлекла вниманието на Холивуд и набргу потпишал добар договор со Парамаунт. Тие му дале огромна контрола врз сценаријата, улогите и изборот на режисери. Во следните две години направил шест неми филмови во Америка, а глумел и со Гари Купер. За да биде прифатен помеѓу американските фанови, лажел дека е роден во Бруклин. Три пати се женел и се разведувал, а немал контакти со своите две деца. Помеѓу колегите бил познат како темпераментен и арогантен, но никој не спори дека бил брилијантен актер.

Кога биле презентирани првите Оскари, на 16 мај 1929, победниците биле познати три месеци претходно, но Јанингс тогаш бил во Германија. Оскаровската ноќ што ја пропуштил кажува многу за екстравагантноста на модерните времиња. Тогаш имало само 270 гости во хотелот Холивуд Рузвелт, а церемонијата не била пренесувана на радио или на телевизија. Сепак, ветерот на промени веќе се чувствувал, и тоа на повеќе начини. „Џез пејачот“ кој бил веќе озвучен филм добил два Оскара, а ерата на немиот филм очигледно завршувала. Иако Парамаунт го тестирале Јанингс, бргу одлучиле дека неговиот тежок германски акцент не им е потребен, а одбиле да го синхронизираат со туѓ глас.

Јанингс не се обесхрабрил и почнал да работи во татковината. Во 1930 го снимил „Синиот ангел“ со Марлен Дитрих, и добил одлични критики за портретирањето на постар професор кого го уништува љубовта кон кабаретската пејачка Лола-Лола. Кјубрик има изјавено дека еден од најдобрите моменти во филмската историја е „начинот на кој Јанингс го зема марамчето и си го секне носот во Синиот ангел“. Дитрих пак го мразела Јанингс и ги нарекувала неговите актерски способности „такви како на старо аро“.

Хитлеровиот подем се совпаднал со падот на славата на Јанингс. Кога Гебелс бил назначен за министер за пропаганда, тој бил уверен дека тој може да му биде добар соработник, и го ангажирал за пропагандни филмови. Првиот од 1935 се вика „Стариот и младиот крал“ во кој Јанингс го играл прускиот крал Фридрих Вилхелм Први. Историскиот биографски филм требало да ја промовира идејата на „Фирерпринцип“, концептот на слепа послушност кон владетелот.

И не само тоа. Гебелс го ставил Јанингс во бордот на Тобис филмс - студиото кое ги изработувало овие филмови и му дал целосна уметничка контрола. Неговиот прв проект бил да продуцира и да глуми во биографски филм за германскиот микробиолог Роберт Koх, кој експериментирал на колонијални африкански „субјекти“.

Сепак најконтроверзен бил воениот филм „Вујко Кругер“ од 1941, направен за да го подигне моралот на германската публика пред инвазијата на Британија. Буџетот бил околу шест милиони рајхсмарки (денешни 25 милиони евра), а се однесува на животот на Пол Кругер, некогашен претседател на Јужноафриканската република и човекот кој ја водел втората Англо-бурска војна против Британците на крајот на 19 век. Во филмот и во кампањата за негово промовирање Јанингс истакнувал дека Кругер треба да биде пример за Германците кои водат војна против британскиот империјализам.

Хитлер ептен го бендисал филмот и го именувал Јанингс за „државен уметник“. И Мусолини не останал покусо, па му го доделил признанието кое го носело неговото име, за најдобар странски филм на Венецијанскиот фестивал во 1941.

По завршувањето на војната Јанингс се повлекол во Австрија, каде бил интервјуран од страна на њујоршки весник. Во разговорот од 25 јуни 1945, опишан е неговиот богат дом крај езерото Волфганг, кој бил земен како доказ за тоа дека се „нафатирал“ во претходниот режим. Запрашан за неговите врски со нацистите, тој изјавил дека „отворениот отпор ќе значел концентрационен логор“ и дека едноставно следел наредби. Во својата автобиографија објавена во 1951 на ова прашање посветил само 72 збора, велејќи меѓу другото дека „има некои работи за кои не може да се зборува“.

Требало некое време за луѓето вон Германија да станат свесни за неговата пропагандна улога. Во 1960 добил дури и ѕвезда на Холивудскиот булевар на славните. Сепак, веб сајтот на Академијата не вклучува слика од него како добитник на првиот Оскар за машка улога. Негова „сенка“ се појавува додуша во „Неславните копилиња“ на Тарантино, во сцена во која Гебелс го тера да му го покаже „Прстенот на честа“ кого го има добиено за филмот за Кругер на еден војник, а потоа е убиен во напад врз седиштето на нацистите.

Во реалниот живот Јанингс станал католик и Австриец. Многу пиел, и умрел сам, од рак на црн дроб на возраст од 65 години. На неговиот гроб пишува: „Радостите и бескрајните таги, сите тие завршуваат“. Во меѓувреме, неговиот Оскар е изложен во Берлинскиот филмски музеј.

Извор

5 февруари 2019 - 09:02