Според податоци на Британската фонографска индустрија, во 2021 биле продадени 5.3 милиони плочи, и иако стримингот претставува 83% од вкупната потрошувачка на музика, ЛП-то се враќа на сцената со над четвртина од сета продажба на физички формат.
Ова, колку и да звучи како добра вест за љубителите на винилот, за еколозите е загрижувачко. Причината е што тој се прави од пластика, а за да биде работата уште полоша таа пластика е заштитена со уште повеќе пластика пред да биде ставена во картонската футрола.
Сајмон Паркер, основач на еко-френдли клуб за плочи „Нејкед“ вели дека за време на карантините поради Ковид почнал да размислува за поинакво решение. Одбрал фабрика за печатење во Холандија, Дипгрув, која е 99% јаглеродно неутрална, а нивниот винил содржи нетоксични минерални адитиви. Се одлучил за 140-грамски винил наместо за 180-грамски кој стана стандард за повторно издадени плочи, бидејќи според него таквата разлика воопшто не се чувствува во смисла на квалитет на звукот, а заштедува материјал. Во фабриката користат ПВЦ направен врз основа на калциум и цинк со додавање на неотровни стабилизатори. Печатењето и финишот се прават со веганско мастило. Плочите се пакуваат во материјали кои можат да се рециклираат и се транспортираат со посебно одбрани карго компании кои ја почитуваат политиката на нула-отпад. Самата фабрика функционира со обновлива енергија.
Ваквите напори сега ги надополнува британска компанија под име „Еволушн Мјузик“, која произведе зелена ЛП, при што зеленото не е само штос како плочите во боја. Тоа е првиот биопластичен винил, кој може да се печати користејќи го истиот производен процес како и за досегашните. Притоа се менуваат само суровините, односно се напуштаат фосилните горива за правење на винилот и хемискиот процес што тоа го подразбира.
Останува да се види дали е ова само уште еден тренд кој и нема големо влијание врз глобалната ситуација со пластиката, но и дали љубителите на плочи ќе бидат задоволни од звукот (и од цената).