На денот на мајчиниот јазик: луѓето се виновни за губењето дијалекти кај шимпанзите 

21 февруари е прогласен од страна на УНЕСКО за Меѓународен ден на мајчиниот јазик во 1999. Секако, се однесува на јазикот кој го зборуваат луѓе. Но зошто би биле помалку вредни и јазиците (со или без наводници) на кои комуницираат други живи суштества, а притоа човекот им се меша и им ги загрозува дијалектите?

Нова студија, изведена на диви шимпанзи во Тајландскиот национален парк, обезбедува докази дека гестовите кои ги прават машките шимпанзи од четири соседни заедници во текот на барање сексуална партнерка може да рефлектира различни дијалекти. Еден гест, кој доминира во заедницата, исчезнал од репертоарот пред 20 години откако се случил инцидент со криволовство. Ова покажува дека е можен губиток на една карактеристика која се толкува како дел од „културата“ на овој вид, а како резултат на човечки поттикнато намалување на популацијата. 

Слично како кога луѓе од различни региони зборуваат со различни акценти или користат уникатни експресии, голем број животни имаат свои „дијалекти“. Птиците-пејачки се еден такво пример, па дури и китовите, кои ги учат песните на другите, што резултира со варијации кои се толку уникатни за еден регион колку што се локалните акценти за луѓето. Сепак, кај приматите, кои се филогенетски поблиски до луѓето, доказите за специфични дијалекти се изненадувачки малубројни, што претставува интригантна област за понатамошно научно истражување. 

Истражувачите од тајландскиот проект набљудувале членови на четири соседни заедници диви шимпанзи секој ден од времето кога тие ги напуштале своите засолништа наутро, до моментот кога заспивале ноќе. Нивните наоди се објавени во списанието Current Biology. 

Идентификувани се четири типа комуникативни гестови, користени од амшките шимпанзи за да привлечат женки да се парат со нив - вели првиот автор Матју Малерб од Макс Планк институтот за еволутивна антропологија во Лајпциг, Германија. Помеѓу 2013 и 2024 биле пронајдени разлики во фрекфенцијата на употреба на овие комуникативни гестови помеѓу соседни заедници шимпанзи, но и кај различни популации низ Африка. Варијацијата на сигналите сугерира дека дијалектите се учат низ социјализација, која пак е под влијание на надворешни фактори, како демографското опаѓање на бројот на членови на заедницата, односно во човечки еквивалент, на бројот на говорители на одредениот дијалект.

Така, последниот возрасен мажјак од северната набљудувана група бил убиен од криволовец, што резултирало со неколкугодишен недостаток на возрасен мажјак во групата. Ова директно влијаело на начинот на комуницирање помеѓу помладите шимпанзи, кои немале веќе од кого да ги гледаат односно учат гестовите при парење, па кога стигнале до таа возраст веќе не ги ни правеле. 

Со други зборови, нелегалните човечки активности го промениле културното однесување на шимпанзите. Авторите на студијата повикуваат на итни мерки за зачувувањето на културата на шимпанзите во контекст на конзервациските стратегии. 

извор

21 февруари 2025 - 18:12