Пишува: Миљенко Јерговиќ
Додека седам, среде најжестоката жештина на јули, во најосојниот мир на нашиот пулски стан, пуштам плоча на грамофонот и ја прегледувам корицата и во неа богатите додатоци на тукушто реиздадениот албум на групата Идоли „Одбрана и последни денови“ (Кроација Рекордс, Загреб, 2022), јас всушност се наоѓам во времеплов, на специјална задача на дешифрирање на знаците на една високо поставена, мистериозна и повеќекратно шифрирана младост. Таков беше новиот бран, кој нè начека во зенитот на нашите пубертети, такви беа особено неговите поинтелектуални претставници, првенствено Хаустор и Идоли. Овие вториве се појавуваат на Белградскиот пакет аранжман, со две чудни, крајно деликатни песни: „Америка“ беше репетитивна химна, мантра за ништото, за празнина под име Америка.
Можеби стануваше збор за Кафка, можеби за корпоративен капитализам, за шаренило на избор во внатрешниот дизајн на попкултурната душа, а можеби едноставно беше една од оние песни со какви што беше исполнета епохата и каква што, барем една, имаше секој панк и новобранов бенд кој држеше до себе, во кој се варираше од раноавангардните пракси преземената поетика на монотонијата. Другата, уште почудна, “Schwüle Über Europa”, подигрување кое во тоа време беше толку привлечно, како играње со наполнет револвер, иако во основа безопасно, со Хитлер и со естетиките на националсоцијализмот. Пред крајот на тие две песни, додека Срѓан Шапер со глас на гневен лудак држи говор на некаков измислен германски, меѓу младината, во затемнетите и зачадени студентски клубови, секогаш ќе се најдеше по некој кој ќе ја кренеше десната рака, имитирајќи нацистички поздрав. Или храбрејќи се пред милициските шпиони и доушници, ученици и студенти од пасивните краишта, кои волонтираа во Службата за државна безбедност и кои во следните епизоди од нашата животна трагикомедија ќе се претворат во Туѓмановите херцеговски обавештајци, потоа во угледни загрепски историчари. Би вредело да се спроведе истражување на душата на нашиот век за тоа како имитацијата на нацистичкиот поздрав од 1981 или 1982 за дваесет години се претвори во вистински нацистички поздрав и во посвета на крвавите раце на една нова војна.
„Одбрана и последни денови“ всушност е првиот албум на Идоли. Пред нив постоеше мини-албум, плоча со шест песни и шест хитови, која, заедно со живиот мини-албум на Филм во Кулушич претставуваше врв на генерациската забава. Беше тоа совршено деривативен поп, ништо особено мудро ни паметно, освен што носеше важен елемент на една културна и субкултурна поетика и естетика. Имено, новиот бран во својот обем, во стилска, медиумска, жанровска и меѓужанровска смисла, значи не само како музика и младински стул туку и како книжевност, филм, телевизија, тетар и ликовност, се протегаше од авангардни лудории и филозофирачки херметизам, преку бунт, револуција (или контрареволуција) и побуна против владеачкиот еднопартиски систем, до шаренилото на летните фустани, поп хедонизмот и будалестите детски додворувања. Најинтересна во тоа беше позицијата на Идоли: тие, првенствено благодарејќи на креативниот гениј на Влада Дивљан и Срѓан Шапер, а потоа и на придружната низа интелектуалци како тон-мајстори, видео-артисти и фотографи, го покриваа целиот тој распон од блесави и тенденциозно непретенциозни поп песнички до авангардни и крајно претенциозни музичко-поетски дела, кои, на крајно неверојатен и до тогаш невиден начин ќе го довршуваат времето во неговиот непредвидлив тек.
Корицата, значи, со која партиските комитети имаа сериозни проблеми се состоеше од зеленкасто-жолти орнаменти, изведени од крст, а под нив кириличен натпис, изведен во фонтот на Евангелието по Мирослав. Тоа е илуминиран ракопис од 12 век и од времето на хумскиот кнез Мирослав, кој пред османлиското навлегување е засолнет во српскиот православен манастир на Хиландар, па денес Србите го сметаат за еден од најважните документи на својата духовност, писменост и култура. Во тоа време, 1982, партиските комитети не беа најсреќни што кирилицата им се појавува на артефакт на младинска субкултура, која по некоја традиција беше - латинична.
Но уште поголема нелагода им создаваше тој необичен облик на буквите. Ако и не знаеа од кои и од какви средовековни манастирски писарници се изродиле, секако имале свест за тоа дека во нив има нешто опасно црковно и клерикално. Ние пак и таа корица и тие букви во 1982 ги гледавме во контекст на сите оние чудни и провокативни корици кои ја чинеа традицијата на рок културата, а особено нејзиното сосема радикализирано, кон провокација свртено панкерско и новобраново одело. Во суштина, провокацијата со фонтот кој накнадно ќе биде наречен по Мирославовото евангелие - нè потсетуваше на фонтовите изведени од готиката, кои, исто така во провокативни цели, користеа голем број британски и американски бендови.
И на тоа ќе завршеше целата работа, но потоа, по Идоли и по панкот и новиот бран, дојде едно друго, мрачно, ретроградно, а потоа и крваво време, во кое фонтот на Евангелието по Мирослав ќе стане фонт на најпримитивниот и најагресивниот српско клеро-национализам, и на некој начин и фонт на колежите и убивањата во изведба на злосторниците на Караџиќ, Младиќ и Аркан. Фонт на некои нови четници, во естетиката малку поинаков од оние од Втората светска војна. Така, еден знак - а обликот на буквата е само знак, како што и буквата и самата е знак; обликот на буквата е над-знак на знакот - така, значи, еден знак се здоби со значење и смисла кои денес, веројатно, веќе се цементирани и непроменливи. Никој веќе не може да го употреби овој фонт на начинот на којшто тоа го правеа Идоли. Невино и чисто, не само од човечки солзи, страдања и крв, туку невино и чисто од секаква современост.
Целиот текст тука