Кратко време по нападите на Њујорк од 11 септември, eден музеј на Апер вест сајд, Њујоршкото историско здружение, почнало да собира предмети поврзано со трагедијата - од остатоци на Светскиот трговски центар, до патокази, писма и пожарникарски шлемови. За голем број луѓе овие артефакти се обичен отпад, но за музеите и историските збирки тие се вистинско богатство.
Кратко време по почетокот на глобалната пандемија, истата институција почна со собирање на артефакти поврзани со неа, во склоп на збирка наречена History Responds. Тоа се фотографии, лични и други предмети кои им припаѓаат на Њујорчани, а кои се дел од приказната за моменталната криза.
„Ова е историја на која сите наскоро ќе се навраќаме“, вели Марџи Хофер, директорка на музејот. „Се надеваме дека луѓето од иднината ќе можат да научат од неа и ќе бидат подобро подготвени за слични настани“.
Збирката се фокусира на здравјето и медицината, покуќнина, животот во карантин и социјалното дистанцирање. Се планира и организирање на јавни уметнички настани и проекти со заедницата, тогаш кога тоа ќе биде можно.
Проектот почнал во средина на март, а до сега збирката вклучува самоделски маски за лице, фотографии на знаци за затворени бизниси, огласи за донации, како и фотографии на празните њујоршки улици на фотографот Стивен Хармон. Има и цртежи на деца од градинка, како и необични сцени кои музејските куратори ги забележале или околу себе, или онлајн - на пример креативна заштитна маска во форма на Јода кој некој ја носел во метрото. Постои и отворен повик за донација на предмети, со тоа што во моментов на потенцијалните донатори им се кажува да ги чуваат предметите кои подоцна би биле преземени од музејот.
Здружението, формирано во 1804, е познато по активностите за социјално документирање.