Во Националниот музеј на Втората светска војна во Њу Орлеанс е отворена нова, интерактивна изложба, која користи вештачка интелигенција за да се овозможат разговори со ветерани, болничари, работници зад линијата на војувањето и други кои учествувале во воените активности.
Поставката е наречена „Гласови од фронтот“ и вклучува видео „аватари“ во природна големина од 18 Американци. Кога посетителот им поставува прашања, вештачката интелигенција дава најдобар одговор од серија претходно снимени видеа.
За ова да биде можно, секој учесник седел пред повеќе од десет камери и одговарал на над 1000 прашања, во врска со својот живот и воени искуства. Меѓу нив и Олин Пикенс, 102-годишен ветеран, кој изјавил: „На овој начин учествувам во создавањето историја, имам можност да раскажам што ми се случило и луѓето да го слушнат тоа“. Тој бил дел од тенковски батаљон во Тунис во 1943. Германските сили го заробиле само две години откако пристигнал. Го поминал остатокот од војната во камп за воени заробеници.
Од отворањето на музејот во 2000-та, ветерани сами се пријавувале да седнат и да ги споделат своите искуства. Но нивниот број се намалува. Само 119.550 од 16 милиони Американци кои служеле во војната се сè уште живи. Новата изложба е начин да им се помогне на сведоците и на директните учесници да ги раскажат своите приказни.
Техничката страна во моментот знае да потфрли, па така копиите не секогаш разбираат што се бара од нив, а понекогаш им треба и долго време за да одговорат. „Немам одговор на тоа прашање“ е честа реакција. Но како што ќе бидат поставувани повеќе прашања, така брзината и точноста би требало да се подобруваат. Зад проектот стои СториФајл, компанија која специјализира во конверзациски видеа направени со ВИ, а музејот почнал да го спроведува откако добил донација од еден и пол милион долари.