Гледајќи го возбудливиот едночасовен документарец за снимањето на „Амадеус", по кој знае кој пат се потсетивме на Моцарт мајтапџијата и генијот, кој му го покажува задникот дури и на царот. Но политичката некоректност на Моцарт не е само филмска, таа си е вградена и во најмалку три негови композиции. Толку се безобразни што можат целите да бидат покриени со еден голем „бииип".
Еве што велат тие:
1. LECK MICH IM ARSCH (K. 231)
Моцарт го напишал овој канон за шест гласа во 1782, најверојатно како зафрканција за пријателите, под буквален наслов „Лижи ми го г'зот". Кога неговиот издавач ја добил композицијата (постхумно, од жена му на Моцарт Констанца), тој бил толку шокиран што го сменил насловот во поприфатливото „Да се веселиме". Оригиналниот текст останал непознат до 1991, кога ракописот за оваа и други безобразни песни од истиот композитор биле пронајдени во музичката библиотека на Харвард, во антиквитетна книга каде до тогаш или никој ги немал забележано, или пак намерно не ги изнесувал во јавност.
2. BONA NOX (K. 561)
Канон за четири гласа, во кој Моцарт употребува скатолошки референци кои ги има и во писма до неговите родители, пријатели и роднини. Во едно од 1777 до неговата братучетка Марија Ана Текла Моцарт тој ѝ вели „добра ноќ" на неколку јазици (латински, француски, италијански и англиски), за при крајот на германски да ѝ посака scheiß ins Bett daß' kracht или „посери се во креветот дур не го скршиш". Истото ѝ го посакал и на Алојза Вебер, оперска пејачка со која имал врска, но која во еден момент го откачила.
3. DIFFICILE LECTU (K. 559)
Стиховите звучат како да се на латински, но ако ги преведете тие немаат многу смисла. Тоа е затоа што Моцарт ја напишал оваа композиција за другар му Јохан Непомук Пејерл, баритон со тежок баварски акцент. Тој знаел како ќе звучат зборовите од негова уста, и намерно ставил такви кои повторени или испеани ќе бидат безобразни. Таков е jonicu, кој ако доволно долго се повторува звучи како италијанското cujoni (тестиси).
Како да ги објасниме овие „испади" на големиот композитор и неговата валкана уста? Најверојатно човекот се забавувал, а начинот на кој го правел тоа не бил невообичаен за германското говорно подрачје. Дури и Мартин Лутер знаел да вметне по некоја скатолошка референца во неговите учења - „Му пркосам на ѓаволот, често го бркам со прдење" е еден од неговите афоризми. И Гете понекогаш користел вакви изрази, особено кога ги упатувал кон неговите критичари. Некои од изразите во горните композиции не се на Моцарт туку се преземени од германскиот фолклор, како она со какањето во кревет, кој е стих од детска песна која е се уште популарна во јужна Германија.