Волт Дизни бил голем обожавател на водвиљот и немите комедии. Како дете го имитирал Чаплин, а и обратно - комичарот покажувал екстремна почит кон Волт, и на премиерата на еден од своите филмови (Limelight од 1952) барал да биде прикажан и цртан со Мики Маус.
Некои оделе дури до таму што го споредувале ликот на Мики со оние кои ги портретирал Чаплин. Но Мики бил „селско дете“ од средниот запад, и иако понекогаш одел по работ на дозволеното, никогаш не покажувал злоба како што тоа го правеле некои од ликовите на Чаплин. Повеќе личел на еден друг комичар од ерата на немиот филм, Харолд Лојд.
Иако на него денес главно се сеќаваме поради сцена во која тој опасно виси од часовник на прометна улица во Лос Анѓелес, Лојд бил еден од најпопуларните комичари на своето време - типичен млад човек од внатрешноста кој запаѓа во крајно необични ситуации, кои главно имаат врска со освојување на срцето на некоја девојка.
Во 1920 Волт Дизни ја видел комедијата „Хонтед спукс“ на Лојд. Во неа има две приказни, но во првиот дел од филмот станува збор за лик што го толкува Лојд, а кој се обидува да се убие. Со оглед на тоа што станува збор за комедија, резултатите се неочекувани. Зема пиштол за да се отепа, излегува дека тоа е пиштол на вода. Застанува пред трамвај кој во последен момент преминува на друга лента. Си врзува камен околу вратот (околу десетата минута), си става памук во ушите и се фрла од мост во парк, за да заглави во мочуриште. На самото снимање работите не биле многу смешни (во една сцена Лојд требало да држи бомба како да е запалка, но таа експлодирала и му откинала два прста), но на екран сето ова делувало навистина забавно.
Волт се воодушевил од приказната и сакал да ја примени во серијата за Мики скоро една деценија подоцна. Во 1930 се појавил стрип оригинално напишан од Дизни, кој во тоа време се обидувал да го промовира серијалот како жанр (до тогаш се цртале стрипови за еден ден). Новонајмен цртач, Флојд Готфредсон, почнал со приказна во мај таа година, која во октомври ќе добие неочекуван „твист“ - Мики во очај по својата сакана Мини ќе се обиде да се самоубие.
Неговиот конкурент се вика г-дин Сликер и е голем градски фраер. Кога Мики ќе ги види како влегуваат кај Мини дома а потоа нивните сенки изгледаат како да се бакнуваат, тој ја зема пушката од ѕидот за да се убие, но во последен момент го деконцентрира часовникот со кукавица. Следниот ден се фрла од висок мост но паѓа на брод кој минува. Капетанот на бродот сака да го фрли во водата, но глушецот моли: „Не ме фрлајте, не знам да пливам!“. Следува обид со плин, со фрлање во река и на крај со бесење. Кога ги гледа верверичките како весело скокаат наоколу, Мики вели: „Изгледа ви делувам како лудак - кога ги гледам вашите насмеани лица се срамам! Овој свет и не е толку лош“. Тогаш со јажето, наместо да се обеси, прави лулашка.
Денешната политичка коректност сигурно не би дозволила правење на ваков цртан филм. Штета, затоа што поентата е прилично поучна.