Се прави брзо, а се пие мераклиски, по можност уживајќи во глетката на зајдисонцето, во иста боја како и коктелот. Аперол шприц се прави со една третина чаша од горчливиот портокалов ликер, половина просеко и на крај малку сода или кисела вода за сето ова убаво да запени. Се украсува со големо округло парче портокал. Неодамна тој е прогласен за омилен пијалок за пред вечера на Италијанците. Толку е популарен, што италијанската министерка Еугенија Рочела го обвини за кризата со наталитетот, велејќи дека младите парови сега бираат помеѓу тоа „да пијат шприц или да имаат деца“. Во САД се популарни лакови за нокти со бојата на ликерот, а такви носи и актерката од „Војна на ѕвездите“, Зендаја.
Но оригиналниот Аперол шприц не бил портокалов. Неговата историја датира од 19 век кога Австрија ја имала окупирано Венеција - на Австријците не им се допаѓало тешкото венецијанско вино, малвазија, па ја примениле својата традиција на „шприцен“, додавајќи газирана вода на бело вино и правејќи она што и ние го знаеме како шприцер. Идејата за користење на локален „газирач“ - просекото и мешањето со горчливиот ликер се случило многу подоцна, кога Венецијанците одлучиле дека шприцерот е преслаба пијачка и почнале да додаваат аперол, кампари или синар, сите ликери со различен степен на горчливост.
Аперолот бил измислен во блискиот град Падова во 1919 од браќата Луиџи и Силвио Барбиери, по седум години експериментирање со горчливи портокали, цветови генцијана, растението рабарбара и различни зачини во дестилеријата на нивниот татко. Прв пат пијалокот бил рекламиран во 1920-тите за пијачи кои сакале да останат „фит“ поради ниското ниво на алкохол (11%) и за дами, со слоганот: „Сињора, аперолот те држи витка!“. До 1980-тите станал толку евтин особено во регионот на Венето, што се создал цел „шприц архипелаг“ долж реката По, со градовите Падова, Венеција, Тревизо и Винченца како носители на традицијата и секој со свој локален рецепт.
Во 2003, за да го контролира овој пазар, компанијата Кампари го купила Аперол и почнала да го шири овој регионален аперитив и во други делови на Италија, почнувајќи да го служи во елегантна и висока чаша во форма на балон, која му дала „видливост и достоинство“. Бојата на летно зајдисонце прави уште на самата помисла на аперолче да се замислите на тераса која гледа на море. Сладок е и можеби не баш по вкусот на оние кои се по асли алкохол, но затоа тука се овошните и горчливите ноти кои го прават „аперитивест“ и универзално прифатлив. На здравје!