
Ако се сеќавате на филозофија од гимназија, „Сократовиот метод“ подразбираше дискусија помеѓу најмалку двајца преку поставување и одговарање на прашања, при што целта е оној поискусниот и помудриот да биде некој вид „бабица“ на знаењето на другиот. Поинаку кажано, низ ваквиот дијалог да се промени начинот на размислување, со тоа што ќе се доведат во прашање и најзакостените уверувања.
Методот е наречен „еленхос“ (прифаќање или отфрлување на аргумент, вкрстено испитување, тестирање), а Сократ, барем онака како што опишува Платон, го применувал за да доведе во прашање морални предрасуди, логични неконзистетности и генерално незнаење. Сепак, верувал дека низ ваквиот разговор и самиот може да преиспита свои уверувања, а секако и да го усоврши методот на поставување прашања и водење на соговорникот, така што овој често на крај излегувал збунет и несигурен во она во што бил 100% сигурен претходно. И сето ова без ниту еден напишан збор, туку само преку муабет.
Во време кога „соговорник“ ни е вештачка интелигенција чиј начин на функционирање за повеќето од нас не е сосема јасен, вештините на поставување прашања станува сè позначајна. Добро развиени вештини во оваа смисла, кои не вклучуваат само промптови во стилот на „направи тоа и тоа“ или „кажи нешто за тој и тој“ може да доведе до подлабоко разбирање на сложени теми и вистинска интеракција со вештачкиот „соговорник“.
Притоа, прашањата треба да се отворени, да не сугерираат одговор на кој машината просто би се надоврзала, а по добиените одговори да се бараат дополнителни појаснувања. Можно е и испитување на ставовите на различни групи луѓе, со тоа што на ВИ би ѝ се дало можност да симулира дека е на пример средношколец, домаќинка или вработен во државен сектор. Под претпоставка дека добро ќе ги „глуми“ овие улоги, ние можеме да влегуваме во дијалог со луѓе кои во реалниот живот не би ги сретнале или не би можеле од нив да добиеме вакви одговори.
Ако го користиме ChatGPT на овој продлабочен начин, како платформа за истражување, а не само како алатка за добивање одговори, отвораме простор за подлабока саморефлексија. Токму тоа би го направил Сократ – ако живееше денес, веројатно немаше да ја користи вештачката интелигенција за да го победи некого во расправија, туку заедно со неа да истражи што значи да се биде мудар.