„Пјаф, францускиот мит", книгата на Роберт Бејер која ќе се најде во книжарниците оваа недела, се базира на необјавени писма напишани од страна на Пјаф на нејзиниот пријател, поетот Жак Буржа. Тие, како и истражувањата на други лични документи и преписки, откриваат дека самата Едит и нејзиниот тим имаат конструирано неколку интересни приказни во врска со нејзиниот живот, кои полека прераснале во митови.
Една од нив е дека Пјаф, чие вистинско име е Едит Гасјон, не се родила на улица, како што досега се веруваше, туку во болница во 20-тиот арондисман во Париз. Исто така, таа не била излекувана од детско слепило по некаков аџилак за кој често зборувала како за „чудо“, туку помеѓу три и седум години воопшто не страдала од кератитис, болест која ги погодува рожниците. Иако навистина имала тешко детство бидејќи нејзината мајка, исто така пејачка, ја напуштила, и Едит живеела со баба ѝ, сепак од мака не пиела толку црвено вино колку што се раскажувало.
Бејер, кој е поранешен новинар во Ле Монд и автор на уште една биографија, на познатиот пеjaч Лео Фере, додава дека славната пејачка воопшто не била политички ангажирана, и го отфрла нејзиното тврдење дека им помогнала на затвореници во германските кампови во текот на Втората светска војна со тоа што им обезбедила лажни документи. Напротив, вели тој, таа во 1942 се преселила во област блиску до седиштето на Гестапо, во окупираниот Париз.
За уште повеќе да ѝ ја извалка харизмата, авторот уште вели дека писмата кои ги анализирал биле полуписмени, со голем број коректорски и јазички грешки. Она што тој сепак ѝ го признава е дека таа знаела да препознае талент кај нејзини помлади колеги и да им помогне во кариерата, каков што е случајот со Ив Монтан, Шарл Азнавур и Жорж Мустаки.
Не дека нам нешто ни менува дали било вака или така. Музиката на Пјаф барем не е мит. Еве ги Ришар Галијано и Винтон Марсалис на едночасовен концерт, каде свират малку Пјаф, малку Били Холидеј. Комбинација од соништата!