Во 1886, сметководителот од Питсбург, Франк Ленц, потрошил цели 100 долари на точак - сума што тогаш била негова месечна плата. Иако не бил свесен за тоа, ова за него значело вртење нова страница во животот кој од тогаш станал вистинска авантура. Ќе го види светот вртејќи ги педалите, и ќе стане една од најраните спортски медиумски сензации. Популарен ќе стане особено откако - мистериозно ќе исчезне.
Откако го купил точакот Ленц одлучил сериозно да се нафати за новото хоби - се придружил на локален велосипедски клуб и набргу почнал да руши рекорди во должина на извозена патека. За 24 часа еднаш успеал да извози 260 километри, поставувајќи регионален рекорд. Возењето точак го споил со друга своја пасија, фотографијата. Притоа правел и „селфиња“ користејќи продолжни кабли или тајмери. Бил инспириран од еден од своите идоли, Томас Стивенс, кој во 1887 го обиколил светот со постар модел на велосипед, со високо предно тркало.
И Ленц бил мајстор на ваквиот вид велосипед, но наскоро на сцената пристигнало нешто ново: „безбедниот“ велосипед, кој се состоел од тркала со истоветна големина, при што задното било придвижувано со синџир и макара. Му станало јасно дека ако сака да го види светот никој нема да му го спонзорира патувањето на старомоден точак. Со мрчење се префрлил на оној нискиот и станал промотор на „велосипедот на иднината“. Ова профункционирало и во 1892, со финансиска поддршка на „Аутинг магазин“, тој се подготвил за глобалното патување.
Тргнал од исток кон запад преку САД, Азија и Европа, поточно од Њујорк, со намера да ја следи железницата до Сан Франциско. Од таму планирал да се качи на брод до Јапонија а потоа да врти педали низ Азија. Патувањето требало да трае две години, а Ленц имал обврска да го документира, испраќајќи статии во „Аутинг“. Не само што станал популарен, туку влегол и во учебници по историја како првиот соло велосипедист на новиот модел кој патувал низ светот.
На патот имало и скршнувања, како посетата на Јелоустоун, од каде во манирот на современите инфлуенсери испратил порака дека „тешкиот терен“ на националниот парк можел да се мине само со помош на пневматските гуми на велосипедот од брендот Виктор којшто го возел.
Продолжил кон запад, бил во Јапонија, Кина, Бурма и Индија. Од таму се префрлил на Блискиот Исток каде следел караванска рута до Техеран, а потоа преку Константинопол требало да се врати во „цивилизацијата“. Но Ленц исчезнал некаде во источна Турција и за него веќе никој не слушнал.
Секако, поради тогашните ограничувања на комуникациите, долго време никој не ни знаел дека го нема. „Аутинг“ не брзал да го најде бидејќи исчезнувањето значело и поголема популарност на весникот. Почнале да се развиваат теории и да се шират гласини, меѓу кои дека бил убиен некаде во тој регион.
Со таков заклучок завршила и истрагата на списанието, иако без детали и без пронајдено тело. Во некрологот неговиот издавач го опишал како „фантомски велосипедист чиј дух се уште не е скршен, на неговото лице нема трага од страв, омраза или одмаздништво, туку само љубезост и одлучност“.