Минералот каолинит е еден од највообичаените во светот, а едно од најбогатите краишта во светот со него е југо-источниот дел на САД.
Но режисерот Адам Форестер не е заинтересиран за вообичаената употреба на оваа глина во производството на садови или хартија, туку во практиката луѓето од држави како Џорџија да ја консумираат, и тоа секојдневно. Неговиот краток филм се вика „Јади бела прашина“ (Eat White Dirt), и иако изгледа како да опишува (од наш аспект) по малку бизарна практика, од аспект на јужњаците тоа не е некаков чуден фетиш. И не само тоа, илјадници луѓе низ целиот свет нарачуваат глина од локалните продавници во Коламбус, Џорџија, кои испраќаат пакетчиња дури до Лондон.
Јадењето земја (геофагија) или глина има долга историја. Нутритивните антрополози, како Сера Јанг од Универзитетот Корнел, вели дека стандардното мислење е дека робовите ја вовеле оваа практика во САД од суб-сахарска Африка. Но дека е можно ова да постоело и претходно помеѓу домородното северно-американско население, долго пред доаѓањето на Колумбо.
Во нејзината книга „Стрв по земја“, таа вели дека ваквата склоност е една од компонентите на нарушување познато како „пика“, кога луѓето компулсивно јадат нешта кои не се вообичаена храна, како креда, мраз или штирак. Ова им предизвикува проблеми со срцето, расипани заби и стомак, но ништо не може да ги спречи да продолжат. А притоа никој не може да каже кој е точно изворот на нарушувањето.
Една од теориите кога станува збор за глината е дека таа е прочистувач - како што се става на лице за да апсорбира масти, и да апсорбира несакани мириси (на пример како додаток на песок за мачки), така тоа може да послужи како „маска од кал за желудникот“. И кај нас најдовме вакви производи - глина за орална употреба - но со зелена боја, за која оние кои ја продаваат тврдат дека помага за неверојатен список заболувања: болки во стомакот и цревата, опаѓање на косата, артериосклероза, стареење, брчки, анемија, астенија, па дури и сифилис! Логиката е дека кога ќе проголташ глина, таа ги врзува сите штетни хемикалии, дури и нешто што може потенцијално да биде отровно. Сепак за ова нема клинички докази за луѓе, само за стаорци. Плус, апсорбирајќи ги некорисните нешта, глината може да ги анулира и добрите, корисни нутритиенти, што е особено опасно за бремени жени кои покажуваат посебна склоност кон јадење земја.
Форестер вели дека една од причините зошто го направил овој филм е да покаже дека не станува збор за некакви „лудаци“ туку за луѓе кои имаат необична склоност која произлегува од физиолошки причини, но и од фактот што оваа практика е честа и нестигматизирана во опишаните краишта. Тоа не значи дека не постои во други, само е затскриена, поради можната осуда на средината.
Целиот документарец (25 мин)