По деветгодишна продукција, документарецот за Селинџер на Шејн Салерно, до сега познат како сценарист на акциони филмови (Savages, Alien vs. Predator), конечно се прикажа на последниот Кански фестивал. Не, не целиот. Само неколку минути од него.
Во нив преку брза монтажа се прикажани интервјуа со познати писатели, како Е. Л. Докторов или починатиот Гор Видал, но и со бројни холивудски ѕвезди (Едвард Нортон, Џон Кјузак, Дени ДеВито), кои заради некоја причина имало потреба да го дадат својот коментар кон ликот и делото на Селиџер. Сепак никој, барем во овој исечок, не ги открива очекуваните „револуционерни" тајни за животот на овој автор, по неговото повлекување од јавниот живот во 1965, момент кога престанал и да објавува но не и да пишува, сè до смртта во 2010.
Трејлерот за документарецот содржи мистериозни референци за некаков „огромен бункер" во кој Селинџер наводно пишувал, за „најголемата тајна на неговиот живот", „два големи ракописа" и интервју со некој кој вели дека прочитал „нешто најтажно во неговиот живот". И целиот повеќе личи на некаков трилер, отколку на биографски филм за писател.
Кога Харви Вајнштајн, чија компанија менаџира со филмот, го молел на времето Селинџер (со над 50 писма) да даде дозвола да се филмува „Ловец во р'жта", бил љубезно информиран дека е „отприлика 9,000-ти на списокот" при што Елија Казан бил прв, а Мајк Николс (режисерот на „Дипломец") некаде при врвот. Селинџер во текот на животот не авторизирал ниту една филмска адаптација на неговите дела, и тоа откако била прикажана за него незадоволителната филмувана верзија на расказот „Вујче Виџили во Конектикат" (подоцна именуван Моето лудо срце) од 1949 на Марк Робсон.
Дали документарецов е навистина толку „разоткривачки" колку што се рекламира, или неговите автори и буквално влегле во филм додека го снимале, останува да се види во септември, кога се планира премиерата.