Мистеријата на исчезнатиот портрет на еден од најголемите научници во историјата

Роберт Хук (1635-1703) бил наречен „англискиот Леонардо“. Научник, архитект, полимат, тој бил првиот кој визуелизирал микроорганизам. Со оглед на неговата слава уште за време на животот, прилично е необично што не е идентификувана ниту една слика од која би можеле да заклучиме како изгледал.

Големите научни откритија во историјата обично се претставени со две слики - едната која го прикажува самото откритие, другата на која е човекот (најчесто маж) кој го направил. На пример орбитите на месечините на Јупитер често го придружуваат портретот на Галилео.

Едно такво револуционерно откритие било она на клетката. „Микрографија“ е бакрорез на кој се претставени клетки на кора од дрво, дело на Роберт Хук од 1665. Но портрет на самиот Хук никаде нема. Ваквото отсуство е забележливо бидејќи тој бил основач, куратор и секретар на Кралското здружение на Лондон, група која била од суштинско значење за воспоставувањето на нашата денешна идеја за експериментална наука. Ваквата позиција подразбирала дека некој, некогаш, требало да изработи слика на еден ваков великодостојник.

Професор по клеточна биологија на растенија за The Conversation се обидува да ја разоткрие мистеријата. Најдобар кандидат за можен уметник кој го изработил до скоро исчезнатиот портрет би била Мери Бил, која Хук ја познавал и ја посетувал, иако нема доказ дека ѝ позирал. Сепак, една нејзина слика од околу 1680-та под наслов „Портрет на математичар“ (најгоре) по голем број одлики одговараат на физичкиот опис на Хук - тој имал сиви очи и природно кафена коса, врз која на сликата има само шапка но не и перика, што покажува дека оној кој позира не е благородник. Хук бил од сиромашно семејство и се смета за еден од првите професионални научници. Иако се знае дека имал оштетување на ’рбетот, широката облека го покрива можниот хендикеп.

Човекот на сликата со прст укажува на цртеж на елиптично движење, што според авторот на текстот одговара на необјавен ракопис на Хук од 1685, во кој тој геометриски докажал дека константна централна сила произведува елиптична орбита. Бил насликала и затскриен механички модел на сончевиот систем, кој ги прикажува Меркур, Венера и Земјата како елиптично орбитираат околу сонцето. Тоа е физичка верзија на цртежот кој е прикажан на масата. Ова е исто така интересно бидејќи сликарката го вклучила овој уред децении пред да биде конструирана неговата прва модерна верзија, во 1704, од страна на близок соработник на Хук, Томас Томипон. Финален доказ дека човекот на сликата е Хук е тоа што во позадината се гледаат објекти кои тој, како градски архитект на Лондон, ги имал дизајнирано, како црквата на Св. Михаил или дворецот Лоутер.

Зошто портретот би бил „загубен“ или неидентификуван, каков што е впрочем и денес? Во 1687, значи две години по Хук, во својата „Принципи на математиката“ Њутн укажал на елиптичната форма на патеката на планетите околу Сончевиот систем. Со оглед на тоа што делото на Хук на истата тема било необјавено, тој тврдел дека е првиот кој дошол до ова сознание. Но спомнатиот портрет содржел дел од визуелизациите на физичките принципи, значи оделе контра приоритетот на Њутн, а во корист на неговиот ривал. Дали можеби токму тој учествувал во исчезнувањето на портретот?

Хук починал во 1703, истата година кога Њутн го наследил на местото претседател на Кралското здружение. Не постои трага дека здружението го поседувало портретот изработен од Бил. Сè што требало да стори Њутн било да ја остави сликата во некој подрум кога Здружението се преселило во 1710 во нови простории, и со тоа да ја промени историјата.

Таа се појавува на аукција дури во 1960-тите кај Кристи, каде - иронично - е регистрирана како портрет на Њутн. Сотби, последниот јавен аукционер на делото во 2006, не го има откриено идентитетот на купувачот. Можеби тој ќе го продаде истиот на Кралското здружение, а тие пак ќе се обидат да ја исправат можната неправда нанесена на делото, но и на ликот на Хук.

31 јули 2020 - 11:42