Во книжевноста постојат автори кои доследно на нивниот реалистичен и натуралистички пристап го третираат мирисот со сета сериозност, и со научна прецизност. Еден од нив, францускиот романописец Жорис-Карл Уисманс (чиј роман „Наспроти“ е преведен на македонски), на пример, во своите есеи ги споредувал природните мириси на мишки на русокоси („силни како слатки вина“), црвенокоси („остри и диви“) и црнокоси („храбри и заморни“), па дури и ги споредувал мирисите на градските жени („хлорирана мочка“) со селанките („диви гуски и маслинки“).
Британците генерално се постегнати кога се работи за сетилност, па и за олфакторни искуства. Но има и примери кога автор почнал така, построго, но потоа станал сетилно пораскалашен. Таков е Џејмс Џојс, во чија чест денес (16.06) низ светот, а особено во родната Ирска, се одбележува Блумсдеј, денот кога се одвива дејството во неговиот роман „Улис“.
Во неговото по рано дело „Даблинци“, на пример, речиси и да нема мириси. Дури и божикната вечера во расказот „Мртвите“ е безмирисен, а доминира визуелното. Но веќе во „Портрет на уметникот како младич“ (1916) мирисот станува појак, иако е се уште конвенционален, морално оптоварен и се појавува главно како поттик за спомени. Пеколот кој го создава Џојс за да го тероризира грешникот смрди на канализација, ѓубре и тела што се распаѓаат.
Некои од мирисните назнаки во оваа книга подоцна се појавуваат и во „Улис“ (1922), кога еден од ликовите, Стивен Дедалус (всушност истото алтер-его на Џојс од „Портретот..“) сакајќи да си го умртви телото, е во потрага по уникатно одвратни мириси. Бидејќи му недостасува инстинктивна гроза од мириси кои вообичаени им се гадат на другите, тој наоѓа само еден кој е радикално лош: „специфична смрдеа на риба како онаа на застојана урина“.
Целата олфакторна палета на „Улис“ е каталогизирана од драматурзи од Мелбурн, кои се нафатиле на оваа задача додека правеле драма за неговата врска со мирисите, најпрвин несвесни дека тој список ќе има цели 41 страница. Неговиот фокус е на секојдневните мириси на живеачката - по куќите, на улиците, или на телото, особено на она еротизираното. Но нивните описи е само начин да се постават некои значајни прашања кои имаат врска и со филозофија и со политика. Дали богатите тела мирисаат различно од сиромашните? Што може да научи човек за сопствената благосостојба од својот измет? Дали се заљубуваме на првото душкање? Дали носот може да го саботира мозокот?
Проучувачите на Џојс и неговиот однос кон сетилноста велат дека тој е во склад со промената на односот кон телото и сетилата на почетокот на 20 век. Секако го имал читано Фројд, а Јунг ја лечел неговата ќерка, Луција. Во „Улис“ тој си игра и со идеите на германскиот психијатар Рихард фон Крафт-Ебинг и неговиот каталог на сексуални девијации, „Психопатија сексуалис“ (1886), чии најмрсни делови се напишани на латински, за да ги обесхрабрат „обичните“ читатели. Џојсовото познавање на физиологијата на мирисот е голема, а притоа тој не прави голема разлика помеѓу онаа човечката и животинската.
Леополд Блум, главниот протагонист на „Улис“, минува низ процесот на соочување со мирисите на неговиот ривал преку кожата и телото на неговата неверна жена. Но Џојс ни става јасно до знаење дека неговиот нос го саботира неговиот ум во моментот кога ќе ги помириса нејзините гради кои имаат арома на дињи, и кога нејзините „предни и задни женски хемисфери“ ќе се претворат во „острови на благослов, грчки острови, ветена земја...натопена во мед и млеко“. Мирисот така станува оправдување за моралната кршливост, која е едноставно неизбежно анимална.