Кога докторот е вешт со сликарска четка

Микеланџело на медицината

Наскоро од печат ќе излезе биографија на Френк Нетер, несуден сликар, кој по желба на мајка му станал доктор, но и најпознат современ медицински илустратор.

Генерации американски студенти по медицина добро го знаеле името на д-р Френк Нетер, чии детални цртежи на човечкото тело ги користеле за да учат анатомија. Роден во 1906, тој уште во детството покажувал талент за цртење. Иако ја завршил престижната Национална академија за дизајн, а во текот на студирањето на Њујорк сити колеџ ја усовршил вештината на цртање портрети, мајка му никако не можела да се помири дека нејзиниот син ќе заврши како сликар. 

Ѝ ветил и остварил - се запишал на медицина, но додека неговите колеги се спремале за испити тој често цртал сè околу него, особено она што го гледал во болницата Белвју, каде специјализирал. Го завршил факултетот и поработел малку како хирург, но како што велат „побарувачката по неговата сликарска четка била многу поголема од побарувачката по неговиот скалпер". Неговите портрети, цртежи на делови од телото и илустрации за нови лекарства на фармацевстките компании и како тие делуваат биле едноставно премногу добри.

Токму соработката со фармацевтската индустрија ја поттикнало неговата кариера како „медицински уметник". Во 1937, компанијата Сиба (Ciba Company) му нарачала илустриран флаер за нејзината верзија на дигиталис, лек за срце. Така се родило едно долго пријателство - Нетер работел за компанијата во следните пет децении, и со нејзино спонзорство ја создал Збирката медицински илустрации, како и книгата Clinical Symposia, во која визуелно се претставени примери на нормална анатомија, наспроти патологијата поврзана со специфични болести. Фирмата ги делела овие книги бесплатно на студентите и докторите, како дел од нејзиниот маркетинг.

Се проценува дека во текот на животот Нетер изработил повеќе од 4,000 илустрации - кога самиот требало да оди на операција за анеуризам на аортата, при крајот на животот, тој го искористил поводот да направи дијаграми од сите фази на зафатот.

Неговата ќерка Франсин најавува биографија за нејзиниот татко под наслов „Микеланџело на медицината", иако многумина велат дека споредбата со Да Винчи и неговите анатомски цртежи би била посоодветна. Нејзе исто така ѝ се замерува што таа не навлегла во некои потенцијално контроверзни теми, како маркетинг техниките на модерните фармацевтски компании или можниот став на Нетер во врска со познатиот германски атлас на човечка анатомија на Едвард Пернкопф, кој содржел цртежи на Евреи убиени во текот на нацистичкиот режим. Сепак, книгата е скапоцен спомен за еден човек, кој инаку би останал речиси непознат вон медицинските кругови.

18 септември 2013 - 08:51