Конзумеризам базиран на одвратност

Мементо, мори!

Текстов е стар повеќе од десет години, објавен на некогашниот он.нет како колумна. Ама уште е свеж, и уште некако грозен. Таман како што треба.

Дур ги чекаме шопските и им се остриме на кременадлите, колешката вади цигари. Внимателно ги отвара приковани за масата, како да демонтира бомба. „Да не ни се одјаде“, вели. Не стигнува да ме спречи - посегнувам по кутијата и се обидувам да сфатам што е тоа што не треба да го видам.

Фотографија: ширум отворена уста со ретки, расипани заби, сплет од крвни садови во нездрава боја и поцрнет јазик. И веќе стандардниот натпис, врамен како некролог. Здивот од анонимната уста се шири низ кафаната, лебди над езерото и се заканува да го наруши меѓународниот авио-сообраќај. Амбалажата се претвора во подвижна медицинска енциклопедија со лош фотошоп. Од непушач станувам и нејадач на скара и шопска.

Додека таа вовлекува со израз на сериски самоубиец, замислувам хипер-потрошувачко општество во кое, само навидум парадоксално, секој производ е означен со визуелни пораки базирани на одбивност.

На жилетите наместо насмеано, мазно лице на младич во најдобрите години, фотографија на тело испружено во када, со пресечени вени. Секој можен електричен апарат, од решо до телевизор, придружен со документарна снимка на луѓе спржени од струја. Производите со конзерванси, пестициди и емулгатори илустрирани со бројни примери на алергиски реакции, во силни нијанси на цијан и мангента. На млекото наместо кравичка, мажи со цицки и жени со бради, од хормоните.

И уште повеќе - законски мора да се илустрираат и можните психолошки ефекти на одредени производи. На филозофските лектири и на поетските збирки вознемирувачки фотографии од луѓе со загубен поглед, во потрага по смисла. На цедиња со евергрини, слики од средовечни жени во очигледна, тешка депресија. На плишаните мечиња илустрации на слабникави, збунети момчиња, неспособни за живот.

Производи кои ве предупредуваат да бидете подобри, велејќи дека самите се лоши. Производи за поубав свет, кои се грди. Хорор во служба на превенција и на перверзија. Култура на страв, страшна култура. 

А да ја упростиме? При раѓање секој да си добива фотографија од себеси мртов, начнат од црвите, но доволно препознатлив за да се постигне потребниот ефект. Да не испадне после не сме знаеле. Tоа барем би било фер, реално предупредување. Memento mori! - да, ама побогу, не на јадење.

Илина, Букбокс

Претходно: Кул налепници за врз оние грознине слики на цигари

29 октомври 2018 - 15:11