Некој ги направил, вие само треба да ги испринтате

Кул налепници за врз оние грозните слики на цигари

„Што бе, Сачмо почнале да го ставаат врз цигари?“ - се изненадив кога на кафанска маса го видов тутунот на другар ми. „Не бе, налепница е, сами ги правиме“, ми вика тој.

Не само за непушачи ко нас, ама и општо, оние предупредувањата на цигари со тоа скапаните заби, туморите на грло и мртвите фетуси се стварно неподносливи. Особено ако некој ти ја сврти кутијата баш од таа страна таман кога келнерот ќе го донесе биеното сирење на скара и лутите пиперки. Суптилно ја превртуваш, ама веќе не можеш да го од-видиш виденото.

Веројатно од вакви, естетски пориви, а можеби и во знак на протест кон регулативите кои важат за тутунската индустрија, Иво Солдатовиќ („Летечи пекинезери“), седнал и го преорал интернетот за да најде фотографии на славни музичари и уметници со цигара в уста. Инспирацијата му била од фотографот Чедо Поповски, кој додуша имал помал опсег на ликови (Богарт, Иствуд, Николсон). Графички ги спастрил точно за да одговараат на димензиите на предупредувањата, и ги воедначил сите да бидат црно-бели. Некои ликови лесно се препознаваат, за други треба подобро око: Дилан, Пикасо, Шабан, Били Холидеј, Запа, пак Запа, Кеш, Шпато. Фројд. Тито, бе! Некој што ни изгледа како Равел или Мусоргски. Пар што не ги знаеме. Ги делат години и географски напоредници, но заедничко им е едно - сите пушат.

Еве ги тука, подготвени за печатење. Сè што треба да направите е да ги пуштите на принтер на самолеплива фото хартија (или да прашате во најблиската печатница), и - ако веќе мора да пушите, или некој од домашните ве вознемирува со тоа сликите - да ги исечете и да ги залепите на кутиите или ќесите со тутун. Па може да си најдете и свои и да си правиме: „иам, иам, неам, неам..“, да погодуваме кои се или да се менуваме на клупи во парк. 

Ете, конечно корисна локална иницијатива, која придонесува за квалитетот на живеење.

Линк во пдф тука

 

26 јули 2018 - 13:57