„Maшината на Хабермас“ му е мајката!

Основачот на лабораторијата за вештачка интелигенција ДипМајнд на Гугл неодамна се закити со Нобелова за хемија, за предвидување на структурата на протеините. Но сега тој ја аплицира технологијата за создавање на алатка која би требало да помогне во креирање консензус по какво и да е прашање за кое има крајно спротивставени мислења. 

Да се постигне консензус во демократија е тешко поради куп причини, што идеолошки што многу базично човечки (инает, суета итн.). Но што ако постои машина која би го произвела како некој вид стока или услуга? Наместо колективно да се расправаме за разликите, секој поединечно би можел да ја артикулира својата позиција и критиките на туѓата, а потоа моделот би нашол НЗС или просечна позиција на сите учесници во „дискусијата“.

Машината би требало да биде непристрасен сведок, па оттаму „завојуваните“ страни полесно би можеле да се согласат со неа без да мораат да се согласат едни со други. Ниту едно его не би било повредено, ниту еден бисер сронет. Секој би можел да ја автоматизира својата граѓанска должност без да се конфронтира со другите граѓани, или уште полошо, без да мора да сочуствува со нив. Вака, верувањата на сите тануваат обестелеснети апстракции, статистички конструкти а не живи искуства. 

Токму ова го нуди нова студија објавена во Science на 18 октомври, под наслов „Вештачката интелигенција би можела да им помогне на луѓето да најдат заеднички јазик“. Името на моделот за којшто станува збор е „Машината на Хабермас“ (според германскиот филозоф Јирген Хабермас). Таа ги сондира мислењата на помали групи луѓе кои дискутираат сензитивни политички или други прашања, а потоа помага во намалувањето на разноликоста на нивните мислења, обидувајќи се да најде нешто што сепак ги поврзува. Во оваа задача машината не е некој што наметнува или убедува, туку функционира само како медијатор. 

Гугл ДипМајнд, компанијата зад платформата, регрутирала 5.734 учесници, кои се репрезентативен примерок на британското општество. За почеток им биле поставени две прашања - дали возраста за гласање треба да се спушти на 16 години? И дали Националниот здравствен систем треба да биде приватизиран. По неколку кругови дискусија и сондирање на индивидуалните мислења, на групите им бил претставен еден став на човечки медијатор и еден генериран од ВИ. Прашани кој од нив повеќе им се допаднал, повеќе од половината (56%) одговориле дека тоа е ставот на ВИ (иако во тој момент не знаеле кој е чиј). Со помош на ВИ медијаторот, потоа малите групи учесници покажувале помала поделеност околу горливите прашања. 

Засега компанијата нема планови да го лансира моделот јавно. До тогаш, се уште ќе мораме да се убедуваме, или со арно, или со лошо.

22 октомври 2024 - 18:53