„Доколку младоста низ историјата имала свој застапник, кој би покажал дека и децата можат да размислуваат и практично да дејствуваат, денес немаше толку често да се среќаваат луѓе што тврдат дека детето ништо не знае“.
Оваа реченица спаѓа меѓу најпознатите почетоци на романи во американската литература и тоа поради еден „детал“ - во оригиналот ја нема буквата Е. Со ваквиот строг липограм - вид на ограничено пишување или литературна игра каде авторот намерно избегнува користење на една или повеќе одредени букви - е напишана целата книга. Читателот што ќе ја прескокне авторовата најава можеби подолго време нема ни да забележи што точно му недостасува на текстот. Особено ако не го чита првото издание, каде уште на корицата јасно стои дека станува збор за роман од 50.000 зборови без буквата „e“.
Станува збор за романот „Гетсби“ („Gadsby“ - нема врска со „Големиот Гетсби“) од Ернест Винсент Рајт, објавен во 1939 година. Во времето кога излегол, тој поминал речиси незабележано, но подоцна станал познат како необична книжевна појава. Почесто се спомнува како куриозитет отколку што навистина се чита. Авторот си поставил исклучително тешка задача: целосно да ја избегне буквата „e“, која е најчеста во англискиот јазик. Со тоа, тој морал да се откаже од многу основни зборови, вклучувајќи го многу честото „the“, како и од голем број заменки и граматички форми, особено оние во минато време што завршуваат на „-ed“, па дури и од одредени броеви.
Можеби уште поизненадувачко од самиот формален подвиг е приказната што ја раскажува. Главниот лик, Џон Гедсби, во средни години се враќа во својот роден град, кој е во распаѓање. Соочен со таа состојба, тој организира младинска група со цел да го оживее местото. Со текот на времето, градот напредува, бројот на жители значително се зголемува, а Гедсби на крај станува градоначалник.
Всушност, вакви приказни за граѓанска иницијатива и локален препород не се ретки во американската литература од почетокот на дваесеттиот век. Разликата е што другите автори не користеле толку впечатлив формален трик. Липограмот како форма подоцна бил применет и од други автори со поголем уметнички ефект. Особено интерес покажале француски интелектуалци, па така во 1969 година излегува многу попознатото дело на Жорж Перек, „Исчезнување“, исто така без буквата „е“. Со оглед на тоа што францускиот јазик уште повеќе се потпира на оваа самогласка, задачата била уште потешка. Кај Перек, липограмот не е само игра, туку има и подлабоко значење, поврзано со темата на отсуство и со личната трагедија на авторот, кој ги загубил родителите во Втората светска војна.