„Точка на пресврт" (The Tipping Point: How Little Things Can Make a Big Difference, види Букбокс осврт за неа тука) се занимаваше со „ситноразмерни" социјални настани, кои иако не се дел од историските читанки и алманаси, прават огромна разлика во креирањето ставови, диктирањето модни трендови и градењето политики. Кога мала група луѓе, намерно или сосема ирационално, почнува да се однесува различно од другите, тоа нејзино однесување според Гладвел може да ја зафати околината како епидемија, и да доведе до „точка на пресврт", после која ништо (или барем едно значајно нешто) не е како порано.
Книгата излезе во 2000-тата и бргу стана бестселер, а името на Гладвел стана едно од најпознатите кога станува збор за едноставно објаснување на сложени социјални и психолошки механизми. Неговите книги се имаат продадено во повеќе од 23 милиони примероци само во Северна Америка. Сега издавачот Little, Brown and Company соопшти дека во октомври авторот, кој денес има 60 години, ќе објави нова книга, „Одмаздата на пресвртната точка“. Таа според него ќе ги истражи нештата кои се случуваа во светот во текот на изминатите 24 години (на пример глобалната пандемија), со „свеж поглед“, анализирајќи како трендовите се раѓаат, фаќаат корен и се шират во услови на уште поразвиена технологија и променети политички и економски околности.
Најмногу од сè, тој ќе потсети на нашата одговорност, како поединци и како општество, да ги разбереме пресвртните точки многу сериозно доколку сакаме да го промениме светот на подобро.
„Одмаздата на пресвртната точка“ се очекува да излезе на 1 октомври 2024