„Мафија“ - како советски социјален експеримент стана друштвена игра

Во 1987, Димитри Давидов, тогаш студент по психологија на државниот Московски универзитет, „на нејќење“ создал една од најдобрите игри на сите времиња. Ако не сте ја пробале, ви требаат „само“ околу 7-8 души, талент за лажење и за откривање на туѓите лаги.

Снежна ноемвриска вечер во 1987. Димитри Давидов, студент на Универзитетот Ломоносов, се качува на третиот спрат кадешто се наоѓа катедрата по психологија и се среќава со клубот на средношколците со кои работи како тутор.

Оваа вечер тој за своите ученици има донесено нешто необично. За да ги поттикне да зборуваат и да мислат, тој ќе ги натера да играат игра - таква во која двајца ученици се издвоени и им се дадени тајни информации. „Тогаш не ми беше целта да измислам игра“, вели тој. Неговата идеја била да се направи забавен експеримент и да се истражи психологијата на умовите на овие млади луѓе. Но играта поттикнала толку дискусии што во деновите кои следеле бргу почнала да се шири - веќе било јасно дека и без намера таа станала друштвена игра. 

Така, Давидов ја создал „Мафија“ или „Врколак“ како што се викала оригинално. Таа наскоро ќе се игра не само во Источниот блок туку насекаде, од Силициумската долина до бегалските кампови на Руанда. 

Можеби и вие сте ја играле, со или без картите што понекогаш ја придружуваат, а на кои се испишани улогите на учесниците. Потребна е поголема група пријатели (најмалку 6, најмногу 17!), а за оптимален се смета број од 8 луѓе. Основните ликови во верзијата што ние ја знаеме се граѓани и мафијаши, а во зависност од верзијата има и полицајци, лекар итн. Учесниците влечат ливчиња (или карти) со ликовите, а водител е нараторот. Целта на мафијашите е да не бидат откриени, а целта на граѓаните да ги отстранат вистинските измамници. По неколку кругови во кои се гласа за елиминација, победници се оние чиј претставник ќе остане нечепнат („жив“) на крајот на играта. 

Стратегиите за преживување во играта се главно лаги, интуиција и лукава социјална дедукција. Самиот Давидов вели дека притоа една стратегија се има покажано како најдобра - највештите играчи лажат само кога е апсолутно неопходно, а инаку гледаат колку што е можно да премолчат односно да не ја кажат вистината. 

Но истовремено играта ги прикажува опасните последици од масовна хистерија - кога граѓаните ги немаат сите потребни информации, тие се сомневаат во секого и лесно паѓаат обвинувања. Во вакви околности групното однесување е исто: поединците со различно мислење се репресирани во корист на постигнување групен консензус. Ако повеќето граѓани се сомневаат дека некој е мафијаш, другите можат да му се придружат поради тоа што чувствуваат дека тој има поголем авторитет, или просто за да не „штрчат“ со своето мислење. А додека мнозинството се кара и се надмудрува, информираното малцинство најчесто победува. 

29 јануари 2025 - 18:17